Општество

СВЕЧЕНА ВЕЧЕРА

Сузана Камберова | Авторот е доктор по медицина

Економија и бизнис | печатено издание | 15 јануари 2025г.

Кога го создаде Светот, Господарот на Вселената и на сите живи суштества во неа ги покани сите денови во седмицата на свечена вечера за подобро да се запознаат меѓу себе. Понеделникот пристигна прв. Облечен во работничко одело, сиот пожолтен, уморен и свенат, тој седна и ги стави своите валкани раце на белиот, украсен чаршаф со густа чипка ткаена од илјадници пајаци и свилени буби. Неговото незадоволно, снуждено лице и невоспитано однесување го налутија Господарот на Вселената, па тој во себе скова план како да му се одмазди.
„Нека биде тој првиот работен ден во седмицата“, си помисли. „Ќе ги буди луѓето рано наутро и ќе ги тера на работа. Секој ќе го проколнува, но нека му биде. Кога е ваков, не заслужува подобро.“
Нареден пристигна Вторник, влетувајќи во просторијата со сигурен и лесен чекор на танчер. Беше мошне елегантен и убав. Пријатна миризба на самодоверба се ширеше околу него. Веднаш ја зеде чашата в раце, ја крена високо и наздрави за идните заеднички проекти и големи успеси. Какви ли проекти, кои ли успеси, збунето се праша Понеделникот во себе.
„Сигурно, се разбира, секако. Се придружувам со задоволство“, повика Среда која штотуку се појави на вратата. „Среќно нека ни е на сите“, додаде таа разгалено, затресувајќи ја заводливо главата украсена со густа, сјајна и долга коса и театрално се насмеа со ѕвонлив глас кој одекна во салата и се одби од ѕидовите како прекрасна музика од дождовни капки во шума и пенливи океански бранови кои се тркалаат по песочни крајбрежја во сончев ден.
„Секој проект во кој јас ќе се вклучам носи среќа и само среќа“, весело додаде таа. Четвртокот чекореше веднаш зад неа. Мистериозен и неодгатлив, опуштен и допадлив, ја дразнеше љубопитноста и ја скокоткаше фантазијата со својата загадочност. Неговата појава мирисаше на успех, мамеше погледи и воздишки, ветуваше задоволства и завршени работи. Тој се наклони длабоко и кавалерски ѝ ја бакна раката на Среда, па седна до Вторникот со кого размени неколку учтиви реченици, додека на Понеделникот кусо и студено, од далечина, само му климна со главата. „Сè што ти си започнал и на што со мака долго си работел, јас го привршувам успешно, без напор и со задоволство“, му се пристори на Понеделникот како да чита од таинствената насмевка на Четвртокот, која му лебдеше на лицето.
Една млада жена се појави на вратата носејќи детенце во прегратка. Неговите рачиња беа обвиени околу нејзиниот врат, немирните, златни кадрици од неговото главче се виореа на сите страни околу слаткото му лице, образите му беа румени и заоблени, а малата уста полна и сочна. Сите воздивнаа од задоволство, восхитени од убавината на детето.
„Ах, Петок, тој сладок Петок, најпосле пристигна“, шепотеа меѓу себе.
Жената го седна детенцето на стол и го приближи до масата, па се сврте полека и се упати кон дното на просторијата каде што тивко и без збор исчезна меѓу сенките. Малиот Петок милно ги погледна гостите на масата со блескава насмевка и со крупни, сјајни очи од под долгите клепки. „Колку е само убав“, помисли Господарот на Вселената. Толку убав, што секој што ќе го сретне мора да го засака. Така ќе биде и со луѓето. Тие ќе го сакаат и ќе го обожаваат.
Еден повозрасен пар, одејќи пополека, се појави на влезот. Белокоси, држејќи се под рака, облечени во бела, долга облека од свила, тенки и вити како брези, чекореа Сабота и Недела. Се наклонија со почит пред уважениот домаќин, а потоа и пред поканетите му гости, па им се придружија на трпезата, осветлувајќи ја, без труд и напор, целата просторија со необичен, златест сјај на возвишеност.
„Конечно сите се тука“, извика весело Господарот, „вечерата сега може да биде сервирана.“
И така бидна.
Првин се принесе предјадење, супа од киселкаво-горчлив ѕвезден прав, која Понеделникот гласно ја сркаше на очигледен ужас и запрепастување на Саботата и на Неделата и прикриен потсмев од Вторникот кој презриво го гледаше под око. Потоа следуваше печено јадење од вжештена вулканска лава, изладено со планински снег, а на крај за десерт беше послужен сладок пудинг од магла. Сите беа во добро расположение и мошне весели. Во чашите се точеше утринска роса. Се наздравуваше до длабоко во ноќта. Вторник, Среда и Четврток беа занесени и изгубени во пријатен и весел разговор. Среда повремено ѕвонливо и гласно се смееше. Господарот на Вселената и Неделата потпишаа договор за Ден на одморот. Неделата ја доби честа да се закити со таа титула. Стана елита на која ѝ припаѓаше. Саботата му ги милуваше витканите кадрици на Петокот и нежно ги бришеше остатоците од магла од неговата горна усница и повремено среќно ѝ наздравуваше на Неделата.
Само Понеделникот седеше сам, настрана и мрачно и нерасположено гледаше пред себе и во останатите. Не успеваше никако да се вклопи. Постојано мислеше на работата која го чека. Повремено малиот Петок го гаѓаше со коскички од астероид од својата чинија кога немаше кој да го забележи и му го покажуваше јазичето од слатката уста. Но, што можеше да стори за тоа? Кому да се пожали? Од тој миг, постојано сонуваше еден ден и тој да стане Петок. Сакан и обожаван од сите.
И така се сретнаа деновите, се запознаа, ги добија своите места и задачи во седмицата и влегоа во животите на луѓето. Секому се падна она што му беше судено според тркалото на среќата, на веселата и свечена вечера кај големиот и моќен Господар на Вселената.
Понеделникот, сепак, не се помири сосема со она што му беше доделено. Често во себе тој се прашуваше дали навистина судбината е толку непоправлива. Дали можеби еден ден ќе успее да ја смени и ќе им покаже на сите дека сепак и тој има вредности кои никој од нив не успеал да ги забележи?
И така, секојпат кога седмицата ќе започнеше одново, тој го носеше покорно својот товар на плеќи, надевајќи се дека еден ден неговата упорност ќе биде забележана. Негова беше првата светлина што ги будеше луѓето, иако тие често ја проколнуваа. А можеби, на крајот, токму таа светлина беше поттик и почеток на сите оние соништа што ги остваруваа низ останатите денови.

ПРЕПОРАЧАНО