Вести

„Окитекс“ ДОО Скопје: Речиси целото производство е перманентно наменето за извоз и тоа пред сè за пазарите на Западна Европа, а посебно за пазарот на Германија

Економија и бизнис | печатено издание | октомври 2022г.

Како ја оценувате тековната состојба во вашиот сектор, каде е во тие рамки вашата компанија и што носи иднината?


„Окитекс“ е текстилна компанија основана на 27.8.1948 година. Вкупниот број на вработени на почетокот на минатата 2021 година изнесуваше 425, а денес тој број е намален на 330 вработени. Речиси целото производство е перманентно наменето за извоз и тоа пред сè за пазарите на Западна Европа, а посебно за пазарот на Германија.
Минатите две години како сите така и нашата компанија беше негативно погодена од светската пандемија со ковид-19 и тоа придонесе да дојде до големо намалување на очекуваните нарачки, затворање на дел од неискористените капацитети и намалување на бројот на вработените.
Оваа тековна година во поглед на нарачките и во поглед на бројот и квалитетот на странските купувачи е сосема поинаква од минатите две и е многу подобра. Тоа, пред сè, се однесува на квалитетот на купувачите, како и на повисоките цени за доработка на готовите парчиња. За жал, и оваа година се среќаваме со големи проблеми на кои не можеме да влијаеме и реалните согледувања за нашата бранша во блиска иднина се многу песимистички. Тука, пред сè, би ја потенцирале војната во Украина и кризата во Европа кои со сигурност ќе имаат негативен ефект на бројот и големината на нашите нарачки од купувачите во иднина, а пред сè од купувачите од Германија.
За да биде целокупната перспектива уште полоша, се судираме со огромниот пораст на цените на енергентите во целост, а особено со енормниот раст на цената на електричната енергија. Очигледно државава нема можност или желба да го помогне бизнисот со субвенционирање на трошоците за струја така што перспективата воопшто не е добра, односно може да ја наречеме критична. За да ја пополниме целата негативна слика мораме да потенцираме уште еден голем проблем со кој се среќаваме, а тоа е немање на доволно работна сила.
„Окитекс“ има перманентно отворени огласи за вработување бидејќи имаме постојани барања за зголемување на капацитетите, но за жал одговорот на овие огласи е многу слаб или речиси никаков. Тоа не ни дозволува да прифатиме нови купувачи и да го смалиме ризикот од намалување на обемот на нарачки кој може да се случи.

ПРЕПОРАЧАНО