Пристапот до финансии и понатаму претставува еден од најголемите предизвици за малите и за средните компании во Македонија. Сепак, во последниве години ситуацијата значително се подобри благодарение на комбинацијата од домашни и од меѓународни финансиски програми, особено оние фокусирани на зелена транзиција, на дигитализација и на одржлив развој.
Во 2026 година, зелените и климатски програми се меѓу најактуелните и најважни извори на финансирање за малите и за средните компании. Една од нив е Програмата „Зелено и раст“ (Green & Growth) која е компонента А од Проект 2: „Социо-економска регенерација на Пелагонискиот и на Југозападниот Регион“ во рамките на Инвестицискиот план за забрзување на транзицијата од јаглен на Климатските инвестиции фондови (Accelerating Coal Transition Investment Plan of Climate Investment Funds).
Главната цел на целиот Проект 2 е да се стави фокус на луѓето и на заедниците во процесот на транзиција од јаглен. Се очекува Програмата да придонесе за создавање нови работни места, поттикнување зелени инвестиции и економска диверзификација во регионите зависни од јаглен. Таа е дел од поголемата Инвестициска платформа за праведна енергетска транзиција (Just Energy Transition Investment Platform) која има амбиција да мобилизира околу 3 милијарди евра до 2030 година.
„Зелено и раст“ е финансиски инструмент наменет за зелена транзиција и за економски раст на компаниите во регионите најмногу погодени од затворањето на јаглените централи и рудници (Битола и Осломеј).
За таа цел, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Фондот за чиста технологија (ФЧТ), во рамките на Климатските инвестициски фондови (ЦИФ) и во партнерство со Стопанската комора, организираа промотивна работилница за начинот на пријавување за финансискиот инструмент Програма „Зелено и раст“.
На настанот одржан на 25 март 2026 година, во Стопанската комора, 53 учесници членови на Комората беа воведени во процесот на пријавување за Програмата која има цел поддршка на транзицијата во зелена економија и во регионален економски развој во Пелагонија и во Југозападниот Регион на Северна Македонија.
Компаниите, ММСП и корпорациите, членки на Комората, имаа практична можност да проверат дали инвестициската идеја во: зелена економија, енергетска ефикасност и обновливи извори, унапредување на производството, конкурентност или иновација, е подобна за финансирање во рамките на Програмата и да ги разберат придобивките за учество. Во текот на интерактивната сесија, учесниците слушнаа за бараната документација, започнаа со пополнување на пријавата и добија насоки за појаснување на критериумите за подобност.
Учесниците, воедно, имаа можност да се запознаат со придобивките во советодавната компонента на Програмата во излагањето на г-ѓа Маја Столеска Костадинова, главен регионален координатор на ЕБОР.
Оваа Програма претставува една од најзначајните климатски финансиски поддршки за Македонија досега. Таа не само што придонесува за намалување на емисиите туку и обезбедува праведна транзиција преку заштита на вработените во јаглената индустрија, создавање нови работни места, развој на локалната економија и привлекување на приватни инвестиции.
Факти за Програмата „Зелено и раст“ (Green & Growth)
Програмата нуди поволни кредити преку домашните партнерски банки за:
− мали и средни претпријатија и стартапи во Пелагонискиот и во Југозападниот Регион;
− зелени инвестиции (енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија, намалување на емисии);
− развој и проширување на климатски паметни и одржливи бизнис-модели;
− поддршка на компании кои создаваат нови работни места во „зелените“ сектори.
Клучни детали за Програмата „Зелено и раст“:
− Канали за имплементација: НЛБ Банка Скопје и Шпаркасе Банка АД Скопје. Во јуни 2025 година беа потпишани договори за вкупно околу 8 милиони УСД (по 4 милиони УСД по банка) за кредитирање на компаниите од споменативе региони.
− Целна група: мали и средни компании, особено оние од Пелагонија и од југозапад кои се директно засегнати од транзицијата од јаглен.
− Цел: обезбедување праведна транзиција – создавање алтернативни работни места и економски можности за заедниците зависни од јаглената индустрија, истовремено промовирајќи одржлив раст и намалување на емисиите.
− Вкупно финансирање: околу 7,15 милиони евра, плус грантови и поволни заеми обезбедени од Климатските инвестициски фондови.
Главни партнери: Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) како лидер, заедно со Светската банка, со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) и со Владата на Република Северна Македонија.
Економија и бизнис, 15 мај 2026г.








