Пишува: Маја Столевска-Костадинова, раководител на Националната програма за бизнис-советување, ЕБОР-услуги за советување на бизнисите
Повеќе од две децении, ЕБОР работи со ММСП во Северна Македонија, обезбедувајќи практично знаење за поддршка на конкурентноста, на отпорноста и на одржливиот раст.
Со поддршка од донаторски средства, ЕБОР континуирано го прилагодува својот ангажман на потребите на бизнис-секторот, испорачувајќи целни иницијативи кои одговараат на локалните приоритети и истовремено ги отсликуваат меѓународните најдобри практики.
Врз основа на ова искуство, Програмата „Зелено и раст“, лансирана во 2025 година, означува нова фаза во поддршката на Банката за одржлив развој. Програмата во паралела ги адресира економските, еколошките и социјалните предизвици и е дел од пошироката инвестициска програма „Забрзана транзиција од јаглен“ во рамките на Платформата за правична енергетска транзиција, а со поддршка од Климатските инвестициски фондови.
Покрај пристапот до финансии, „Зелено и раст“ става голем акцент на советодавна поддршка за да им помогне на заедниците да се справат со економските и со социјалните последици од фазното исклучување на јагленот. Преку промовирање на претприемништво, на поддршка на адаптацијата на бизнисите и на зајакнување на вработувањето, Програмата има цел да обезбеди дека транзицијата кон зелена економија носи конкретни можности на локално ниво. Советодавните активности се насочени кон бизнисите и поединците во регионот Пелагонија и во Југозападниот Регион при што имплементацијата веќе е во тек преку две иницијативи за градење капацитети во областа на вештачката интелигенција и на иновативните стартапи.
Програмата, исто така, обезбедува кофинансирање за советодавни проекти за компании што се во процес на раст и што создаваат нови работни места, заедно со широк спектар на обуки, на работилници и на програми за забрзување на стартапи, кои најчесто се нудат бесплатно. Преку тесна соработка со партнерски финансиски институции и други чинители на пазарот кои имаат мандат за поддршка на ММСП, ЕБОР продолжува да ги поддржува развојот на вештини и трансформацијата на работната сила согласно потребите на локалниот пазар на труд, поставувајќи основи за конкурентна и за отпорна зелена економија.
Економија и бизнис, 15 мај 2026г








