Манова Ставреска: Зелените финансии не се трошок – тие се инвестиција во иднината

Антонета Манова Ставреска, проектен раководител, Стопанска комора на Северна Македонија

Пристапот до зелени финансии станува сè поважен и стратешки императив за компаниите во Северна Македонија, особено во контекст на зелената транзиција, во приближувањето кон Европската Унија и во зголемената глобална конкуренција.

Зелените финансии им овозможуваат на компаниите значително поевтино и пофлексибилно финансирање. Каматните стапки се пониски, а дел од средствата се обезбедуваат во форма на неповратни грантови.

Компаниите кои инвестираат во енергетска ефикасност, во обновливи извори на енергија, во електрични возила или во циркуларни бизнис-модели, стануваат поатрактивни за европските партнери, за странските инвеститори и за современите потрошувачи.

Навремената зелена транзиција значително го намалува оперативниот ризик. Со постојаниот пораст на цените на енергијата, компаниите кои остануваат зависни од традиционални енергенти се изложени на сè поголеми трошоци и ризик. Спротивно на тоа, компаниите кои инвестираат зелено стануваат поотпорни, поефикасни и поодржливи.

Зелените финансии претставуваат директен пат кон европскиот пазар. Како што се приближуваме кон Европската Унија, ЕСГ-стандардите (еколошки, социјални и управувачки критериуми [Environmental, Social and Governance]) стануваат задолжителни. Компаниите кои однапред се подготвени со зелени проекти и соодветно нефинансиско известување ќе имаат значителна конкурентна предност пред оние кои заостануваат.

Зелените финансии не се трошок – тие се инвестиција во иднината. Во таа насока, Стопанската комора на Северна Македонија активно ги поддржува компаниите преку информирање, обуки, поврзување со финансиски институции и стручна поддршка при подготовка и реализација на зелени проекти.


Економија и бизнис, 15 мај 2026г.

Работилница „Зелено и раст“ (Green & Growth) во Стопанската комора на Северна Македонија – Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано