Перспектива
ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧУВА СО МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА ДО 5 ЈУНИ ГОДИНАВА?
Зоран Јовановски
март 2016
Текстов е напишан еден ден после полноќната седница на парламентот на Република Македонија и донесената одлука за поместување на датумот на парламентарни избори. Најпрвин, да нема забуна. Јас мислам дека на 5 јуни парламентарни избори – ќе има! Одлуката е донесена. На тие избори ќе учествуваат најмалку оние политички субјекти што ја гласаа промената на датумот на избори, а верувам и оние што не ја гласаа. Ќе се направат досега најавуваните чекори околу прочистувањето на избирачкиот список. Во меѓувреме ќе се потенцира значењето на некакво „решение“ кај медиумите, втората точка на разијдување помеѓу власта и опозицијата, но во таа област нема да се случи ништо спектакуларно.
Во такви околности, што ќе се случува со македонската економија до парламентарните избори? Кусиот одговор е – ништо посебно. Амбиентот ќе остане суштински непроменет. Ценовната стабилност, одржана веќе дваесетина години, ќе продолжи и просечната годишна инфлација ќе остане поблиску до нултата точка одошто проектираните, за цела година, 1,5%. Номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото ќе остане стабилен, на нивото на кое се одржува од 9 јули 1997 година наваму. Годишната каматна стапка на благајничките записи на НБРМ, како референтна каматна стапка со која централната банка ги испраќа монетарните сигнали, ќе остане на постојното ниво од 3,25%. Тоа значи дека и каматните политики на деловните банки, односно каматните стапки на депозитите и кредитите, ќе останат генерално непроменети. Кредитната поддршка на банките ќе продолжи и, согласно доминантниот вид на кредитна побарувачка на фирмите во изминатите години, ќе биде насочена главно како обртен капитал. Фискалната политика генерално ќе се движи во планираните рамки. Привременото поинтензивно остварување на буџетскиот дефицит до изборите ќе се „испегла“ после изборите. Во целина, не само до изборите, за македонската економија 2016 година прилично ќе наликува на претходната година.
Она што ќе биде различно е тоа дека воздржаноста, првенствено кај правните субјекти, за носење одлуки или започнување на инвестициски проекти, ќе биде многу поизразена. Бизнисмените тоа инстинктивно го чувствуваат и ќе сакаат да помине турбуленцијата пред да инвестираат. Тоа ќе се одрази на планираниот економски раст. Да се потсетиме, бруто инвестициите последниве години имаат учество во БДП од околу 30%, од кои 5-7% е учеството на промената на залихите. Тоа значи дека бруто инвестициите се важен елемент на БДП. Веројатно е дека до изборите, а и потоа, ќе продолжи реализацијата на инвестициите на државата во инфраструктурата, особено патната инфраструктура. Но, од друга страна веројатно е дека инвеститорите од приватниот сектор ќе почекаат. Притоа, и домаќинствата ќе бидат повоздржани кај личната потрошувачка. Ако се има предвид дека владиниот буџет за 2016 година предвидува раст на бруто инвестициите на реална основа од 7,5%, веројатно е дека растот на целата македонска економија годинава ќе биде нешто поблиску до 3%, во споредба со планираните 4%. Но, тоа нема да биде разлика што ќе биде драматично почувствувана кај економските субјекти или целата економија.
Воздржаноста во однос на инвестирањето и трошењето нема да биде поврзана само со домашните случувања. Верувам дека Република Македонија ќе биде доволно мудра да не се претвори во паркинг за бегалците и дека ќе ја избегне опасноста од влегување и останување во состојба на контролирана нестабилност. Расплетот на драмата околу бегалците, и потенцијалните опасности за македонското општество и економија, ќе зависат и од: цврстината и динамиката на реализација на американско-рускиот договор за примирје во Сирија, успешноста во пронаоѓањето сеопфатно европско решение за бегалците што нема да биде парцијално и ќе ја вклучува Грција, способноста на Грција да се справи со огромниот прилив на бегалци во услови кога таа сеуште се судира со отворени домашни прашања, како што е чувствителната пензиска реформа и преговорите со странските доверители околу идните транши финансиска помош, итн. Со затоплувањето на временските услови ќе се олесни движењето на бегалците и нервозата во земјите на балканската рута ќе расте. Како што рече претседателот Иванов во интервјуто за февруарскиот број на „Економија и бизнис“, во периодот што доаѓа нé очекуваат предизвици.
Бизнис секторот, но и граѓаните како потрошувачи, бараат стабилност и предвидливост. Периодот до парламентарните избори на 5 јуни ќе помине. Но, останува потребата да излеземе од тобоганот наречен политичка кампања на кој постојано, со години, се движиме со голема брзина. Движење без крај. Тоа не е забавно. Мораме да излеземе од зоната на непрекината политичка кампања којашто создава чувство дека во Македонија има избори на секои три месеци. Тоа можеби им врши работа на политичарите и е важно за нивната сопствена агенда, но прави силна пресија врз бизнис секторот и му го отежнува работењето. Ова не е прашање на една или друга политичка опција, кој е власт, а кој опозиција. Ова е прашање што бара системско решение. Политичарите тоа секако им го должат на бизнисмените. На крајот на денот, граѓаните и фирмите, даночните обврзници, имаат право на тоа.