Перспектива
ДНЕВНАТА ПОЛИТИКА НАСПРОТИ ГОЛЕМАТА СЛИКА
Зоран Јовановски
февруари 2016
Денес не е лесно да се биде бизнисмен во Република Македонија, особено ако треба да се согледа големата слика за македонската економија. Бизнисмените се секојдневно опсипани со разновидни економски информации што изгледаат како завеса од чад, ја замаглуваат сликата и им внесуваат немир. Сосема е разбирливо што бизнисмените чувствуваат несигурност кога треба да ги процесираат ваквите секојдневни информации и не можат лесно да донесат важни одлуки за нивниот иден бизнис.
Пример 1. Често во различни медиуми се пласираат вести или се отвораат дебати со зборовите: „Денес Министерството за финансии продаде државни хартии од вредност за неколку стотици илјади евра или за неколку милиони евра повеќе од износот на државни хартии од вредност што Министерството за финансии треба да го исплати во наредните денови“. И потоа следува „анализа“ која упатува на катастрофално грчко сценарио итн. Бизнисменот не знае дали ваквата „анализа“ навистина упатува на толку лоша состојба со јавните финансии, дали можеби значи скорешно затегање на фискалната политика, зголемување на даноците и давачките итн.
Вистинскиот пристап треба да е поинаков. Отстапувањето меѓу износот на државни хартии од вредност што Министерството ги продава во еден ден и износот на оние што доспеваат за отплата во наредните денови само по себе не е доволна основа за носење на каков било далекусежен заклучок. Можеби во наредната ситуација по две недели ќе биде обратната ситуација кога помалку ќе се издадат, а повеќе ќе се отплатат државни хартии од вредност. Не постои совршена временска распределба на приходите и на расходите во државниот буџет. Некои се со поголем степен на извесност, а некои можат од објективни причини да бидат поместени порано или подоцна. Секогаш треба да се гледа големата слика, дали буџетот и буџетскиот дефицит се реализираат во генерална корелација со проекцијата, да се види дали конечно во 2016 година ќе дојде до најавуваниот и долгоочекуван почеток на консолидација на буџетот и сведување на буџетскиот дефицит на ниво што е долгорочно одржливо. За почеток, во 2016 година на ниво од 3,2%, а потоа и пониско.
Пример 2. „Македонија е четврта најмалку задолжена земја во Европа“ е реченица што многу пати е изговорена во нашава земја. За многумина таа реченица носи порака дека треба да бидеме речиси безгрижни во поглед на јавниот долг затоа што има многу други земји во Европа кои, мерено преку соодносот на јавниот долг и БДП на земјата, се позадолжени од нас.
И ова е своевидна дневна политика. Прашањето за јавниот долг бара подлабоко втемелен аналитички пристап. За илустрација, една од најзадолжените земји во светот е Јапонија со долг од повеќе од 200% од јапонскиот БДП. Ова е ниво на долг што е нешто помалку од петпати повисоко од македонското. Дали е ваквиот долг голем проблем за Јапонија? Не, затоа што таа може да го финансира тој долг, може да позајмува на глобалните финансиски пазари бидејќи инвеститорите имаат доверба во технологијата, во конкурентноста и во иднината на јапонската економија. Дали Македонија би можела да живее со долг од 200% од БДП? Ни случајно. Не би можела да издржи ни долг од 100% од БДП, а сериозно би се мачела и со долг од 60% од БДП.
Двата примера се примери на дневна бучава. Народски кажано, секој си ја тера својата агенда за дневно-политички цели. Која е последицата од тоа што најголем дел од македонското општество е фокусиран на дневно-политичката бучава? Одговорот е едноставен. Енергијата се губи во игра на ситно. Општеството, бизнис секторот ја губат од вид големата слика, не разговараат за прашањата што се долгорочно важни.
Да повлечеме паралела. Изминатите денови во Давос, Швајцарија се одржа Светскиот економски форум. Светската елита дебатираше за редица важни прашања, вклучително и за четвртата индустриска револуција. Да се потсетиме. Првата индустриска револуција се случи со изумот на парната машина, втората се случи со појавата на електричната енергија и подвижната лента, третата индустриска револуција е она што го имаме денес. Четвртата индустриска револуција се однесува на паметни машини што комуницираат меѓусебно. Во наредните години роботите ќе доведат до укинување на седум милиони работни места. Што ќе значи тоа за светската економија? Какви понатамошни импликации ќе предизвика незапирливиот развој на технологијата за пазарот на работна сила и воопшто за општествата? Одговорите на вакви прашања ќе ја обликуваат иднината, конкурентноста, животниот стандард на цели нации. Каде сме ние во оваа приказна? Што правиме ние? Со меѓународен посредник Македонија разговара за прочистување на избирачкиот список. Прашањето е важно, но бесконечно долго одзема општествена енергија.
Колку помалку Македонија се занимава со дневна политика, а повеќе разговара за големата слика, толку поголеми се шансите за просперитет на македонското општество.