Бизнис
Ново зголемување на минималната плата во Грција
24.02.2026
Ново зголемување и усогласување на минималната плата, за кое ќе биде одлучено на владина седница кон крајот на март, најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на денешниот состанок на Владинот совет за економска политика, јави дописничката на МИА од Атина.
Во воведното обраќање, Мицотакис е осврна на важноста да се продолжи со динамиката на економски раст и стабилно да остане над европскиот просек, но и да продолжат, како што рече, „многу позитивните резултати на пазарот на трудот, со дополнително намалување на невработеноста со цел да се достигнат историски најниски нивоа“.
- Централна цел, секако, останува и справувањето со упорниот проблем на високите цени. Верувам дека со создавањето на Независната управа за потрошувачите правиме важни чекори за подобро разбирање на тоа што навистина се случува денес на пазарот, со можност за насочени интервенции онаму каде што Управата ќе оцени дека е неопходно. Во однос на општата фискална политика, мислам дека доследното спроведување на буџетот, со постигнување на целите за примарните суфицити и за намалување на јавниот долг, е рамката што создава позитивна макроекономска средина за спроведување на останатите политики, посочи Мицотакис.
Дополнително, од кабинетот на вицепремиерот на Грција Костис Хаѕидакис соопштија дека, освен одржувањето на макроекономската, фискалната и финансиската стабилност, во фокусот биле и главните приоритети за 2026 година, односно: повеќе инвестиции и поттикнување на бизнис активноста; конкурентноста и продуктивната трансформација со зајакнување на динамичните и извозно ориентирани сектори на економијата; дополнување и завршување на инфраструктурата во Грција и мерки за поддршка на приходите на домаќинствата и намалување на трошоците за живот за сите.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис