Општество
„Вечер на романтични балади“ во Битола, посветено на делото и споменот на Тоше Проески
24.02.2026
НУ Камерен оркестар на Битола свечено ќе ја отвори концертната сезона за 2026 година со концертот „Вечер на романтични балади“, соопштија од организацијата на настанот, што ќе почне во 20 часот во Офицерски дом - Битола.
Под диригентската палка на Владимир Димовски, како што е најавено, оркестарот ќе ѝ понуди на публиката внимателно одбрана програма посветена на романтичниот израз во музиката, со дела од Антонин Дворжак, Јозеф Сук и Петар Илич Чајковски. Влезот е слободен. Концертот е замислен како емотивно музичко доживување и достојно отворање на новата сезона.
- И покрај тоа што оваа година, Министерството за култура одобри само шест проекти, НУ Камерен оркестар на Битола, како и минатата година, ќе се стреми кон реализација на повеќе од 10 концертни и музички проекти во текот на сезоната. За потсетување, во 2025 година оркестарот реализираше 12 проекти, како и повеќе од пет гостувања низ Македонија, потврдувајќи ја својата активна улога на националната музичка сцена, се наведува во соопштението.
Веднаш по отворањето на сезоната, како што се додава, НУ Камерен оркестар на Битола ќе биде дел и од концертот „Засекогаш во срцата“, што по осми пат ќе се одржи во градот.
- Овој концерт, посветен на делото и споменот на Тоше Проески и оваа година ќе се реализира благодарение на ентузијазмот и посветеноста на организаторите, иако за првпат Министерството за култура не одобри финансиска поддршка за истиот. Со ваквиот почеток на сезоната, НУ Камерен оркестар на Битола уште еднаш ја потврдува својата мисија континуирано да создава квалитетна музичка програма и да ѝ понуди на публиката значајни културни настани, без разлика на институционалните предизвици, се додава во соопштението.
Извор/фото МИА