Бизнис
Собранието ги усвои измените на Законот за постапување со бесправно изградени објекти - продолжен рокот за уште пет години, односно до 2031 година
19.02.2026г
Собранието денеска во рамки на 85. седница по скратена постапка го донесе Закон за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со што се продолжи рокот за уште пет години, односно до 2031 година. Дополнителните пет години се дадени за да се завршат постапките за објектите изградени до 2011 година и формално измените не отвораат нова врата за нови барања, туку се однесуваат исклучиво на оние граѓани кои веќе поднеле документација и со години чекаат разрешница.
Законот беше донесе со 67 гласови „за“, пет „против“ и без ниту еден воздржан.
Управниот одбор на ЗЕЛС на почетокот на месецов до Собранието, Владата и Министерството за транспорт достави барање со цел да се овозмои продолжување на рокот на Законот за постапување со бесправно изградени објекти заклучно со 2031
година.
-Имено Управниот одбор на ЗЕЛС на својата седница одржана на 30 јануари 2026 година, меѓу останатите точки ја разгледал и иницијативата на Општина Битола (подржана од повеќе општини) за поднесување на барање до овластен предлагач со цел изменување и дополнување на Законот за бесправно изградени објекти, чија важност заклучно со 3 март 2026 престанува, па оттука постапките кои се водат пред општините како надлежни органи треба да запрат по сила на закон, во таа фаза во која се - се вели во законското решение.
Во самото барање од Управниот одбор на ЗЕЛС е образложено дека голем дел од постапките не биле завршени поради водење на судски спорови поврзани со правата врз изградените објекти, судски постапки поведени во рамките на постапката која се води пред општината, одложување на донесување на управни акти во постапката поради наследни и други имотно-правни околности кои требало да се решат како претходно прашање во постапка, како и други непредвидени околности, при што продложувањето на рокот има за цел само довршување на постапките кои се веќе отпочнати, а не и доставување на нови барања и оформување на нови предмети за постапување.
Првично ваков закон беше донесен во 2011 година, а со денеска усвоените измени во членот 5 зборовите „петнаесет години“ се заменуваат со зборовите „дваесет години“, со што се означува времетраењето на процесот на озаконување.
Од парламентарното мнозинство во текот на општата расправа посочија дека станува збор за техничко продолжување, со цел да не се прекинат илјадници предмети кои се наоѓаат во различни фази на постапка.
Пратеничката Бисерка Златеска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Предлог-законот е предложен по скратена постапка, бидејќи станува збор за закон со кој им се дава можност на граѓаните кои имаат покренато процес за легализација на дивоградбите, а досега не добиле разрешница поради тоа што надлежните институции не ги завршиле своите обврски и додаде дека не станува збор за решение со кое се отвора нов процес на легализација.
Ако не се донесе ваков закон, додаде таа, ќе се казнат граѓаните кои навреме поднеле барања, а не ги исполниле роковите за легализација не по нивна вина, туку поради процесни причини.
Таа рече дека овој предлог не отвора можност за нови дивоградби, туку се однесува на довршување на започнати објекти без дозвола, без нови барања. Појасни дека рокот се продолжува до март 2031, наместо март 2026. Додаде дека продолжувањето нема финансиски импликации врз буџетот, не создава нови предмети и ги затвора старите.
-Ова обезбедува сигурност за граѓаните и заокружен процес, кој трае повеќе од една деценија, со правосилни управни акти - нагласи Златеска.
Пратеникот Малиша Станковиќ од СПМ нагласи дека 2011 е донесено првичното законско решение, кое, како што рече, во тој период било контроверзно и додаде дека и самото име на предлогот е таков бидејќи се бара легализирање на нешто што е бесправно. Но, додаде, тој и тогаш и сега, треба да се решат проблемите на овие граѓани, кои не по своја вина, не го завршиле процесот и истакна дека ќе го поддржи предлогот.
Потсети дека во 2011 година на пример во Кисела Вода околу 4600 до 4700 објекти биле дивогради. - Замислете, дали требаше да ги рушиме објектите во кои живеат граѓаните? Немавме друго решение, бидејќи системот во тоа време оставил терен за создавање вакуум - нагласи тој и додаде дека и сега граѓаните се ставени во правен вакуум и затоа мора да се поддржи продолжувањето на рокот.
Пратеникот Беким Ќоку од БЕСА нагласи дека ќе го поддржат законското решение, бидејќи како, што се надоврза, овозможува завршување на сите постапки за легализација на објекти, кои се изградени без дозвола.
Според пратеникот Сашко Јанчев од Левица, предлогот има погрешно име и треба да се нарече „закон за стимулирање изградба на дивоградби“. Тој рече дека првично закон бил донесен во 2011 година и требал еднократно да го реши проблемот, но владите кои се менувале го продолжиле периодот за легализација на 15 години, а со новиот предлог се оди на вкупно 20 години.
Според неговиот сопартиец Реџеп Исмаил не е точно дека со законот се продолжува рокот за оние предмети кои се веќе во постапка.
-Како тоа би ги спречило другите да поднесат такво барање? Не само што ќе има нови апликации, туку ќе има и нови дивоградби... Со ова законско решение го правиме бесмислено кривичното дело бесправно градење - додаде тој.
Пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ, посочи дека ако се вратиме на периодот кога се носеше законот во 2011 година, се тврдело дека со неговото донесување ќе се решат проблемите со дивоградбите и ќе се заштитат граѓаните. Многу од постапките за утврдување сопственост во тоа време, додаде тој, не беа легализирани и дел од градежните парцели останале нерешени.
-Доаѓаме во ситуација по 16 години да гледаме дека системот не функционира целосно и дека за да го решиме проблемот со дивоградбите ќе треба ново решение...Системот не функционира и мора да се изгради нов, функционален систем кој ќе носи решенија и нема да создава нови дивоградби. Ако не се промени пристапот кон урбанистичкото планирање, ќе бидеме принудени да се соочуваме со нови дивоградби, посочи Спасовски и додаде дека од почетокот на рокот во 2011 година, има илјадници дивоградби изградени на територијата на државата.
Тој додаде дека ја разбира потребата од пролонгирање на рокот бидејќи системот, за кој се одговорни сите, го оневозможил завршување на процесот за легализација, сепак, напомена дека треба да се размислува генерално за реформа на системот на урбанистичко планирање.
Како пример ја посочи Грција, каде, како што рече, се користат само генерални планови, без да се носат детални планови, а преку закон директно се дефинира каде и што може да се гради на одредена парцела. Додаде дека сличен систем постои и во Албанија, а како што рече, понапреден систем има и Косово.
извор МИА