Економија
ОПЕК ЈА ЗАДРЖА ПРОГНОЗАТА ЗА РАСТ НА ПОБАРУВАЧКАТА НА НАФТА
12.02.2026
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) во својот месечен извештај објавен денес ја задржа својата прогноза за раст на побарувачката на нафта во 2026 година на 1,38 милиони барели дневно, што би ја зголемило вкупната светска побарувачка на 106,52 милиони барели дневно.
Аналитичарите на нафтениот картел не ја променија својата прогноза од август минатата година, и покрај неизвесностите на енергетските пазари и забавувањето на економскиот раст во одредени развиени економии, пренесува РТВ.
Проекциите за побарувачката за 2027 година остануваат непроменети на 107,86 милиони барели дневно, што подразбира дополнителен раст од 1,34 милиони барели дневно во споредба со 2026 година.
Како што проценува ОПЕК, земјите што не се членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) ќе продолжат да бидат главните двигатели на растот на светската побарувачка за нафта.
Во 2026 година, тие ќе учествуваат со 1,23 милиони барели дневно во нов раст, додека дополнителни 1,24 милиони барели дневно се очекуваат во 2027 година.
Спротивно на тоа, придонесот на земјите од ОЕЦД останува ограничен - во 2026 година растот на побарувачката ќе изнесува само 150.000 барели дневно, додека уште поскромни 110.000 барели дневно се очекуваат во 2027 година, што го потврдува побавното темпо на раст на потрошувачката во развиените економии.
Фото Економија и бизнис