Поради растечките трошоци за живот во Јапонија, годинава се очекува помал број жени да им подарат чоколадо на своите партнери на Денот на вљубените, 14 февруари. Во Јапонија, на Денот на вљубените, жените традиционално им подаруваат чоколадо на мажите - партнери, татковци, па дури и колеги на работа.
Анкетата на компанијата Intage Inc., во која учествувале 2.500 жени на возраст од 15 до 79 години, покажала дека 42,8 проценти од испитаниците немаат намера да подаруваат чоколадо, што е зголемување од четири процентни поени во споредба со минатата година, објавува агенцијата Кјодо.
Најголем пад, од 4,4 проценти, е забележан во категоријата подароци за членовите на семејството, по што следуваат подароци за пријатели, каде што е забележан пад од 2,1 процент, додека пад од 1,3 проценти е забележан во категоријата подароци за колеги.
Сепак, просечната потрошувачка на чоколадо за Денот на вљубените се зголемува за 8,1 процент, иако помал број испитаници изјавија дека планираат да купат производи со повисок квалитет, што укажува дека инфлацијата врши притисок врз потрошувачката на луксузни производи.
Специјално истражување за цените на чоколадот покажа дека просечната цена на едно чоколадо за Денот на вљубените се зголемила за четири проценти, на 436 јени (околу 2,5 евра), поради високите цени на какаото и зголемените трошоци за увоз.
Фото Економија и бизнис