Lifestyle
ВОЗРАСНИТЕ ЛИЦА ПРАВАТ ПОГОЛЕМ ПРОМЕТ НА ПАЗАРОТ НА ИГРАЧКИ
28.01.2026
Возрасните лица сакаат повеќе креативни активности и играчки со вештачка интелигенција. Ова е најновиот тренд на најголемиот светски саем за играчки во Нирнберг оваа година.
До 31 јануари, околу 2.300 изложувачи од речиси 70 земји ќе презентираат новини во индустријата за играчки пред потенцијалните потрошувачи, пишува ДПА.
Во САД и на петте најголеми европски пазари, љубителите на играчки за возрасни, според податоците на саемот, сега остваруваат речиси една третина од прометот.
Друг тренд се производите што го поттикнуваат креативниот ангажман на возрасните и децата со користење на играчки со вештачка интелегенција.
Според најновите податоци од Европскиот завод за статистика (Евростат), во текот на 2024 година ЕУ забележа значителен трговски дефицит во секторот за играчки. Така, во Европската Унија се увезени играчки во вредност од 7,1 милијарда евра, што е за 0,6 милијарди повеќе од претходната година. Во исто време, извозот на играчки од ЕУ во трети земји изнесуваше само 2,5 милијарди евра, со зголемување од 0,2 милијарди евра во споредба со 2023 година.
Кина е сè уште убедливо најголемиот снабдувач на играчки на пазарот на ЕУ, со дури 80 проценти од вкупниот увоз во вредност од 5,6 милијарди евра. Далеку зад него се Виетнам со шест проценти удел (418 милиони евра) и Велика Британија со три проценти удел (188 милиони евра).
Најголеми увозници на играчки беа Германија и Холандија, кои учествуваа со по 17 проценти од вкупната вредност на увозот од земји надвор од ЕУ, додека Франција го зазеде третото место со 14 проценти.
Податоците исто така покажуваат дека само три земји од ЕУ се одговорни за речиси 60 проценти од вкупниот извоз на играчки на пазари надвор од Унијата. Чешка е на прво место со 28 проценти, пред Германија (17 проценти) и Белгија (13 проценти), што укажува на силна концентрација на производство и дистрибуција во одредени земји-членки, пренесува Бизнис.рс.
Фото Економија и бизнис