Економија
Грчката Влада ја проширува програмата „Релокација“ со ваучери од 10.000 евра за преселба во конкретни региони
28.01.2026
Програмата „Релокација“ на грчката Влада, воведена минатата година за преселба во регионот на Еврос, сега се проширува во шест други области во северна Грција, а граѓаните кои ќе одберат да се преселат ќе добијат финансиска помош од 10.000 евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Во текот на летото, во рамките на мерките на грчката Влада за справување со демографската и станбената криза, но и за развој и поддршка на локалните заедници ја воведе програмата за преселба во три општини во Еврос, при што граѓаните може да добијат 6.000 или 10.000 евра државна помош.
Сега, министерката за социјална кохезија и семејство на Грција Домна Михаилиду, во интервју за радио „Скај“ соопшти дека конкретната програма ќе се прошири и ќе бидат вклучени шест општини на северот на земјата, а овој пат нема да постојат никакви критериуми поврзани со годишните приходи.
Објасни дека се одбрани шест општини каде што има демографско намалување од над десет отсто, односно станува збор за Костур (Касториа), Лерин (Флорина), Кукуш (Килкис), Серес, Пела и Драма.
Додаде дека може да се пријават пензионери, студенти, Грци кои живеат во странство, но и дигитални номади.
- Програмата е дел од предлог-законот што го презентиравме на владината седница во понеделникот, имплементацијата ќе започне во март. Буџетот за програмата е неколку милиони евра кои ќе се прошират во иднина, објасни Михаилиду.
Всушност, со програмата, некој кој живее во големите урбани центри, може да се пресели во конкретните општини, за што ќе добие 10.000 евра државна помош.
Фото Економија и бизнис