Финансии / Банкарство

Кои се новите членови на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје?

Бојан Стојаноски – (надлежен за областа Корпоративно банкарство) е банкарски експерт со над 20 години искуство на високо раководни позиции во банкарскиот сектор, во областа на корпоративното банкарство, управување со ризици, кредитирање, финансиски менаџмент и управување со средства. Во НЛБ Банка Скопје доаѓа од Стопанска банка АД Скопје, каде што од 2020 година е член на Управниот одбор и Генерален директор за управување со ризици. Во периодот од 2012 до 2019 година, работи во Халкбанк АД Скопје, најпрво како Заменик генерален директор задолжен за продажба, финансиски пазари и средства, а подоцна како Заменик генерален директор за кредитни ризици и финансии. Стојаноски е магистер по економски науки при Економскиот институт - Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и има диплома по економија на истиот универзитет.

Драгиша Тадиќ – (надлежен за областа Ризици) доаѓа од НЛБ Комерцијална Банка, Белград, од позицијата Извршен директор за кредитни ризици, која ја извршуваше и во периодот помеѓу 2015 и 2020 година во НЛБ Банка, Белград. Од 2020 до 2022 година, тој е помошник на Управниот одбор на Комерцијална банка, Белград. Неговото искуство е поврзано и со лизинг операции. Тадиќ моментално е член на Надзорниот одбор на НЛБ Leasing&Go, Белград, а до 2015 година работеше во ПроКредит Лизинг, Белград. Има диплома од универзитетот во Белград во областа на меѓународната економија и трговија, како и од универзитетот во Љубљана во областа на деловната администрација.

Кирил Бухов – (надлежен за областа Операции) се приклучи на тимот на НЛБ Банка Скопје во јануари годинава како помошник на Управниот одбор. Професионалната кариера ја започнува во областа на телекомукациите во 2001, а во банкарството преминува во 2006 година. До 2025 година работи во Халкбанк АД Скопје каде напредува до позицијата Директор на сектор за информациски системи. Бухов е дипломиран инженер на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде завршува и  магистерски студии по проектен менаџмент. Поседува богато искуство од областа на дигиталната трансформација, кибер безбедноста, банкарските операции и информациските технологии.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано