Економија

НФФ: Во сите земјоделски сектори имаме недостиг на работна сила

Она што може да се дефинира како значајни проблеми и предизвици во делот на пласманот на земјоделското производство се ниски откупни цени, неорганизираност кај самите земјоделци, нелојална конкуренција што го има монополот на пазарот за откуп, непостоење на договорно производство, недостиг на едукација и инвестирање во нови технологии од страна на земјоделците, недостиг на едукација за претприемништво и непостоење на фунционални форми на економско здружување на земјоделците. Ова го истакна претседателот на Националната федерација на фармери (НФФ), Стеванче Јорданоски, на денешната прес-конференција, на која тој даде осврт за состојбата во земјоделството за 2025 година и препораки за предизвиците во 2026 година.

- Голем проблем за нас, земјоделците, е миграцијата и непостоење интерес кај младите да се занимаваат со земјоделство. Загрижувачки е податокот дека миграцијата на граѓаните од руралните средини кон градовите и европските држави достигна 50 проценти високо ниво. Според Пописот во 2021, Северна Македонија се соочува и со изразена регионална нерамномерност на населението помеѓу урбаните и руралните средини. Во земјава доминира урбаното население со вкупно 1 131 356 жители - или 61.6 отсто, додека во руралните средини живеат 705 357 жители - или 38.4 проценти, соопшти Јорданоски.

Тој рече дека малите и економски слаби рурални општини имале значителни проблеми за одржување на квалитетот и пристапот до основните услуги, како што се здравствените, образовните и социјалните услуги, особено за населените места со помал број жители, што резултирало со поголемо незадоволство од квалитетот на животот кај руралното население.

- Мораме да истакнеме дека во сите земјоделски сектори имаме недостиг на работна сила и во најголем процент во земјоделскиот сектор се останати работници на возраст од 50 години. Таков тренд е наметнат каде што земјоделството е неатрактивна работа и не сакаат да бидат работници во овој сектор. Тоа негативно се одразува на продуктивноста односно се намалува производството од една страна и сите земјоделци се снаоѓаме како што знаеме, со зголемен обем на работа и дополнителни нервози и стресови, нагласи Јорданоски.

За да се поддржат земјоделците, посебно младите, рече дека е потребно да се инвестира во инфраструктура, поголема работа и ангажман на руралните општини во насока на решавање на проблемите, образование и обука на младите лица во земјоделство и агроиндустрија, воведување нови технологии на производство. Кампањите за промоција на земјоделството и неговите предности, заедно со поволни кредити и поддршки за почеток на земјоделски бизниси и живот во рурални средини, биле исто значајни за развојот на руралните средини и одржливост на земјоделството.


Фото Економија и бизнис

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано