Финансии / Банкарство
ЕБОР, ЕУ и НЛБ Банка Скопје ја поддржуваат дигитализацијата на бизнисите во земјата
09.06.2025г
2 милиони евра кредит за финансирање на малите бизниси преку Програмата Go Digital за Западен Балкан
- - ЕБОР обезбеди кредит од ЕУР 2 милиони на НЛБ Банка Скопје, од Програмата Go Digital за Западен Балкан
- - Средствата ќе се користат за поддршка на МСП за инвестиции во зелени и дигитални технологии
- - Малите бизниси ќе бидат поддржани со грантови и техничка помош обезбедени од ЕУ
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) обезбеди кредит од ЕУР 2 милиони на НЛБ Банка Скопје во Северна Македонија, наменет за финансирање на малите и средни претпријатија (МСП) и нивните инвестиции во дигитални и зелени технологии. Кредитот е обезбеден од програмата Go Digital за Западен Балкан, која е поддржана од Европската Унија (ЕУ), и има за цел да привлече иновативност, конкурентност и одржлив раст во приватниот сектор.
Покрај кредитирањето, МСП ќе бидат поддржани со грантови во висина од 10 отсто од вредноста на кредитот и со техничка помош која ќе им помогне да ги идентификуваат и структуираат приоритетните инвестиции. Грантовите и техничката помош се финансирани од ЕУ.
МСП ќе можат да аплицираат за финансирање на широка палета на технологии и инвестициски решенија, почнувајќи од едноставно усвојување на автоматизирање и индустриски решенија во роботика, па сė до комплексни дигитални алатки за донесување на одлуки, како и генерирање на податоци и алатки за анализа, со што ќе придонесат за декарбонизацијата и генерирање на ефикасност.
Фатих Туркменоглу, Претставник на ЕБОР за Северна Македонија изјави: ,,Поддршката на МСП во нивната дигитална и зелена транзиција е основна за зајакнување на конкурентноста и отпорноста на приватниот сектор. Овој кредит ќе им помогне на МСП во Северна Македонија да ја искористат моќта на автоматизацијата и дигитализацијата, зголемувајќи им ја конкурентноста на локалните и меѓународните пазари."
Тони Стојановски, Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, изјави: ,,Малите и средни претпријатија се 'рбетот на нашата економија. Поддржувајќи ја нивната транзиција кон почисти, поефикасни и дигитални бизнис модели, ние не само што инвестираме во нивната конкурентност, туку и во поотпорна економија подготвена за иднината. Веруваме дека преку оваа кредитна линија ќе им помогнеме на бизнисите да го намалат својот еколошки отпечаток, а воедно и да ја зголемат продуктивноста и пристапот до нови пазари.“
Михалис Рокас, Амбасадор на Европска Унија во Северна Македонија, се надоврза на овие коментари, нагласувајќи дека со овој наменски кредит се отвара можност за МСП да го подобрат работењето, да ја зајакнат продуктивноста и поттикнат иновативноста. Тој додаде: ,,Поддршката на дигиталната трансформација во бизнис сферата останува приорите на ЕУ, како дел од тековните иницијативи на Тимот Европа, преку Инвестициската програма за Западен Балкан, како и реформскиот и развојниот план. Ова значи обезбедување на доволно финансиски средства кои можат да ја поттикнат конкурентноста кај МСП во земјата и регионот.”
Програмата Go Digital за Западен Балкан, се фокусира да ја поттикне продуктивноста и ефикасноста преку информатичко комуникациските технологии (ИКТ) во рационализација на работењето, автоматизирање на процесите, зголемување на ефикасноста, привлекување на поголема продажба, подобрување на корисничкото искуство, и зголемување на пристапот до пазари, кои придонесуваат за поттикнување на конкурентноста.
Преку поддршка на ЕУ фондовите, овие инвестиции ќе бидат согласно стандардите за зелена и одржлива економија, помагајќи им на бизнисите при имплементација на решенија кои се поеколошки и поконкурентни за пазарите на ЕУ. Поддршката на ЕУ изнесува ЕУР 27,6 милиони грант и техничка помош, обезбедена преку Инвестициска програма за Западен Балкан (Western Balkans Investment Framework - WBIF).
ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано ЕУР 2,9 милијарди во различни сектори во земјата.