Општество

ДЗР: Mерките и активностите не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди, Од 2020 до 2023 во државава вкупно 31.176 сообраќајки, 15.724 со потешки последици, загинале 457 лица

Мерките и активностите на надлежните институции иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста во сообраќајот на патиштата, не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди, покажува ревизорскиот извештајот на тема „Безбедноста во сообраќајот на патиштата во Република Северна Македонија“ на Државниот завод за ревизија.

- Јавно достапните податоци од веб страната на МВР упатуваат на загрижувачки состојби во однос на бројот на сообраќајни незгоди случени на патиштата во државата: имено во периодот 2020-2023 година се случиле вкупно 31.176 сообраќајни незгоди, од кои 15.724 се со потешки последици, а загинале 457 лица, се наведува во извештајот на ДЗР.

Ревизорите оцениле дека мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста во сообраќајот на патиштата, не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди до посакуваната состојба на национално и Европско ниво.

- Втората Национална стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за период 2015-2020 година е последна донесена национална стратегија за подобрување и зајакнување на системот     за управување со безбедност на сообраќајот на патиштата. За периодот од нејзино донесување до денот на ревизијата, не е изработен ниту еден документ за евалуација на ефектите од планираните мерки и активности, ниту извештај за степенот на нејзината реализација, од причина што Владата нема формирано Координативно тело  надлежно за наведените активности, велат од ДЗР.  

Втората Национална стратегија за безбедност во сообраќајот на патишта 2015-2020, како што се посочува, имала за цел  бројот на жртви на сообраќајни незгоди до 2020 година да се намали до просечниот број на жртви во земјите-членки на Европската Унија, бројот на жртви – млади возачи да се намали за 30%, бројот на сериозно повредени да се намали за 40% и   бројот на деца- жртви на сообраќајни незгоди да се сведе на нула.

По спроведената ревизија било утврдено дека целите не се постигнати, односно бројот на жртви во сообраќајните незгоди за 2020 година не е намален до просекот во државите членки на ЕУ.

-Во отсуство на нова Национална стратегија, политиките за управување со безбедноста во сообраќајот Владата ги воспоставува и имплементира низ други стратешки и плански документи од областа во координација со други надлежни институции, се наведува во извештајот.

Во него се нагласува дека Национална транспортна стратегија 2018-2030  - НТС е оперативен стратешки документ за подобрување на квалитетот на транспортната инфраструктура и услуги, со активности поврзани со унапредувањето на безбедноста на патиштата во државата, базирана на транспортната политика на ЕУ, транспортната политика на Транспортната опсерваторија на Југоисточна Европа (СЕЕТО), која продолжува со Договор за основање на Транспортната Заедница, ратификуван од Република Македонија во 2017 година. За следење на имплементацијата е задолжено Министерството за транспорт.

За изработка на НТС потрошени се 12,9 милиони денари (210.000 евра), обезбедени од ЕУ преку програмата ИПА 1.

Во извештајот на Транспортната заедница за 2023 година, како што посочуваат од ДЗР, нотирано е ниско ниво на вкупниот напредок во спроведувањето на Акцискиот план за безбедност на патиштата во РСМ, кое пред сè се должи на недостиг од национална стратегија за безбедност на патиштата за период 2021 – 2030 година, како и незавршени активности за измена на законската регулатива и формирање на Агенција за безбедност на патиштата.

-Национална стратегија за Интелигентни транспортни системи 2023-2032  - ИТС е изработена во рамки на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, за чија подготовка се реализирани 17,7 милиони денари (288.000 евра)  со заем од МБОР-Светска банка, одобрен во 2019 година, се наведува во извештајот.

Ревизорите утврдиле бавна реализација на предвидените активности од двете национални стратегии, што од своја страна предизвикува продолжување на роковите, неефикасно користење на средствата, создава нови трошоци и не овозможува постигнување на очекуваните ефекти за зголемување на безбедноста на патиштата и намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви.

Од ДЗР велат дека Собранието иако има обврска, на предлог на Владата да донесе Стратегија за развој и одржување на државните патишта, чие спроведување е во надлежност на Министерството за транспорт, од пропишувањето на оваа законска обврска во 2008 година до денот на вршење на оваа ревизија, наведената Стратегија не е донесена.

Ревизорите во текот на ревизијата ги анализирале активностите на Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт, Јавното претпријатие за државни патишта и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот.

Во рамки на ЕУ, развиен е CADaS протокол, како минимален сет на стандардизирани податоци кој овозможува споредливи податоци за сообраќајни незгоди и анализи на Европско ниво.  

-МВР има воспоставено база на податоци за сообраќајни незгоди на патиштата во државата, која овозможува евидентирање на податоците за случени сообраќајни незгоди, но не е во целост усогласена со CADaS протоколот, бидејќи не се внесуваат географските координати на локацијата на сообраќајната незгода поради недоволна техничка поддршка од опрема со која располага МВР, се наведува во извештајот. 

Според анализите на податоците од базите сообраќајните незгоди со последици се случиле дење (59%), при добри атмосферски услови/сончево време (45%), на улици во населени места (63%) и на сува површина на патот (79%), што укажува на тоа дека условите на патот не се главна причина за предизвикување на сообраќајни незгоди; најголем број се случиле на територија на СВР Скопје-41%; СВР Тетово- 14%; СВР Битола и Охрид – 9%,  Штип-8%, Куманово-7%, Велес и Струмица-6%.

Најчестите сообраќајни прекршоци по видови, како што велат од ДЗР, констатирани со спроведените контроли во период 2019-2023 година се однесуваат на брзо возење, поминување на затворен сигнал, неправилно престигнување и недавање првенство на минување.

- При спроведените контроли најголем број од возачите се исклучени поради управување на возило без возачка дозвола, а значаен е и бројот на исклучени возачи поради возење под дејство на алкохол. Поради технички ограничувања на апликацијата за спроведени контроли, како и на внесување на географските координати на локацијата на сообраќајните незгоди, МВР не е во можност истите да ги користи како основ за планирање нови активности и креирање нови мерки за зголемување на ефикасноста на интервенциите на МВР, посочуваат од ДЗР.

Оттаму додаваат дека со Законот за возила е уредено МВР да води Регистар на возила со цел воспоставување систем за размена на податоци меѓу субјектите од областа на возилата за одобрување, пуштање на пазар, технички преглед, регистрација и пуштање во сообраќај на патиштата.

Регистарот на возила, како што велат од ДЗР, се уште не е воспоставен, поради тоа што не е изготвен потребниот подзаконски акт.


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано