Општество
Денот на Европа одбележан во Скопје со едукативно-забавен настан „Европа низ детските очи“
10.05.2025
По повод Денот на Европа, денеска во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, во Градскиот парк во Скопје се одржа настан посветен на децата. Програмата вклучи изведба на македонската и европската химна од страна на детскиот хор „Златно славејче“, театарска претстава, танцувачка сесија, настап на аниматори и три засебни тематски зони - цртање европски симболи, квиз за Европа и креативна работилница за сувенири.
- Под мотото „Европа низ детските очи“, во Македонија се славеше мирот, единството и културната разноликост на начин прилагоден за најмладите, соопштија од Националната агенција.
Креациите на децата ќе бидат изложени на „Ѕидот на Европа“ во просториите на Националната агенција.
- Настанот, кој имаше голема посетеност и позитивен одѕив и од млади и од возрасни, се истакна како најубавата прослава на Денот на Европа во цела Европа. Во Македонија, овој ден се доживува како значаен празник, често со поголема страст отколку во некои земји-членки на ЕУ, се вели во соопштението на Националната агенција.