Општество
ПОВЕЌЕ ОД 250 ВОЛОНТЕРИ ГО ИСЧИСТИЈА СКОПСКИОТ АКВАДУКТ – ЗАПОЧНА НАЈГОЛЕМАТА ЕКО АКЦИЈА „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД“
09.05.2025г
Денеска, на Скопскиот Аквадукт стартуваше најголемата тридневна (9, 10 и 11 мај) годишна национална акција за собирање отпад – ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД (волонтерска кампања од граѓани за граѓани), организирана од Мен Енд Маунтен заедно со нивниот главен стратешки партнер Пивара Скопје и официјалните партнери Пакомак, Нула Отпад, Шпаркасе банка, ЕВН Македонија, Бучим Боров Дол, Макстил, Саубермахер и Костал. ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД се спроведува во сите општини низ целата земја со илјадници волонтери на повеќе од 500 локации.
Акцијата е поддржана и од ЗЕЛС, Црвен крст и Министерство за животна средина, како и од многу познати јавни личности. Над 20.000 волонтери ја чистат нашата татковина на повеќе од 500 локации во сите општини низ земјава, вклучувајќи над 600 организации, институции и компании, еколошки, граѓански, спортски здруженија, пензионерски организации, јавни институции, локални и урбани заедници, градинки, училишта, факултети и волонтери и националните паркови
Со поддршка за еко акцијата со видео порака се огласи и Претседателката на Р.С. Македонија, Гордана Силјановска Давкова, која апелира до граѓаните да се вклучат:
"Постојано зборуваме за зелени политики, а живееме во сиво црна реалност на убиствен воздух, загадени езера и реки, опустошени шуми и контаминирана почва. Не сакаме да се соочиме со тешката еколошка криза. Природата не може да биде жртва на профитната агресија. Доколку сакаме здрава иднина треба сите на 9, 10 и 11 мај да се обединиме во најголемата еколошка акција ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, како доказ за национална одговорност и еколошка будност.“, вели Силјановска Давкова.
На отворањето на еко-акцијата - Генералка Викенд, на Скопскиот Аквадукт, каде собираа отпад над 200 волонтери, присуствуваа и: Претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска Давкова, вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, министерката за образование и наука Весна Јаневска, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, Директорката на секторот за корпоративни политики и одржливост на Пивара Скопје, Снежана Савиќ Димовска, австрискиот амбасадор, Мартин Памер, Секретарот на Црвен Крст, Сузана Тунева Пауновска, Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, претставници од Управа за заштита на културно наследство, претставници од институции, претставници на амбасадите присутни во нашата земји, волонтери и повеќе јавни личности.
