Општество

За непостоечките дилеми, но и за гаранциите

Драган Тилев | Авторот е државен советник за европски прашања

Економија и бизнис | печатено издание | 01 мај 2025г.

Живееме во немирно време изложено на неизвесност, непредвидливост. Секојдневно се случуваат промени околу нас на кои мора да се навикнуваме во òд. Имам впечаток како да ни се случува колективна амнезија за тоа низ каква голгота поминуваше Европа само пред еден век или какви крвави војни се водеа на Балканот само пред триесетина години или ни се случува слепило за тоа што се случува денес на само неколку стотини километри воздушна линија од нас, во Украина, но и во Палестина.
Товарите на евроатлантската структура и релациите меѓу САД и ЕУ, но и внатре во НАТО, се големи, економски, трговски, безбедносни и воени, дури на долг рок и егзистенцијални. Во вакви моменти најважен е здравиот разум, темелна, но и брза анализа и трасирање на политички, на безбедносни и на економско-трговски траектории кои треба да обезбедат натамошна доминација на демократскиот модел на владеење наспроти авторитарните тенденции. Во вакви времиња мора да се носат политички одуки, но со мудрост, со искуство, со знаење и со целосна свесност за последиците. Еден погрешен чекор и како мала држава и слаба економија лесно може да се најдеме во безизлезна ситуација која може да нè чини многу. Не велам дека „нема да нè биде“, ќе нè биде секако, но не е сеедно какви ќе бидеме и во каква држава и околина ќе живееме ние и нашите поколенија. Во демократско оштество, одлуките ги носат легитимните претставници на власт во дадениот момент при што тие го носат и товарот на одговорноста која оди со изборот и со отчетноста спрема граѓаните, и тоа не само спрема оние кои ги гласале туку и спрема сите граѓани.
Со длабоко убедување сум на страната на оние кои со аргументи се за задржување на курсот на линијата на нашите интереси, државни и национални, зацртани генерациски, и верувам единствено исправни. Затоа, од мој агол како лично видување, ќе искоментирам неколку дилеми кои ги слушам сè погласно и кои сè повеќе го замаглуваат политичкиот дискурс, а со тоа создаваат и какафонија при донесувањето на политичките одлуки.
Првата дилема е дали НАТО ќе се распадне. Се разбира не или секако не во догледна иднина. Иако во заднина, но сепак можат да се наслушнат малициозните гласови за напуштањето на НАТО-структурата од страна на САД и за распад на НАТО. Ваквите анализи и ставови, според мене, се погрешни, површни, штетни и целосно неприфатливи од аспект на нашите државни интереси. НАТО е најмоќната воена одбранбена структура која кога било постоела и која сè уште е единствениот гарант на мирот и на безбедноста на евроатлантскиот простор, но и за сите други демократии кои гравитираат кон него. Да се потсетиме дека политичките структури ги врзуваат пред сè интересите, а нашите интереси, како полноправна членка на НАТО, се нераскинливо врзани со тие на членките на НАТО. Дури и САД, со сета критика за финансирањето на НАТО, потребата од реорганизација и забрзано зајакнување на воениот потенцијал, особено во делот на Европа, најавуваат поактивна улога на НАТО препознавајќи ја неговата колективна моќ. Истовремено Европската Унија со комплементарни активности ја јакне одбранбената моќ на НАТО и пред сè на европското југоисточно крило. Русија е несомнено огромен предизвик за мирот во Европа и за мирот на Балканот, а заедно со Кина се ривал спроти кој не можете да се исправите сами, тоа не може дури ниту САД. Затоа НАТО му е потребен на САД, за продолжување на глобалната доминација, НАТО е неопходен за безбедноста на Европа и НАТО е егзистенцијален избор за нас.
Втората дилема е дали ЕУ ќе се распадне. Се разбира не или секако не во догледна иднина. Ништо не е вечно, но не е сеедно дали нешто ќе се распадне утре, за година-две или за 30,40, 50 години. Исто така не е сеедно дали нешто ќе престане да постои или само ќе ја промени својата политичка физиономија, ќе се прилагоди на новото време и ќе се менува заедно со него. Ги има такви на кои ЕУ како политичка и економска структура сè уште им е неразбирлива, комплексна и дури за некои е и непотребна. Верувам дека не сме до толку политички наивни да не веруваме во моќта на ЕУ, во нејзината способност да се соочува со сериозни предизвици, да донесува одлуки кога е најтешко и најпотребно. Се надевам и дека не сме толку политички кусогледи за да не си го препознаеме историското место и припадноста кон ЕУ, што оди заедно со географијата, со демографијата, со транспортната поврзаност, со економската и со трговската меѓузависност. Европската Унија и нејзините земји членки, и покрај сите разлики, разидувања и спротивставености, се толку силно и длабоко испреплетени со своите интереси, што брз распад е едноставно невозможен. На сите членки на Унијата досега им е јасно дека само како единствена структура ЕУ има моќ да седне на геополитичката маса на преговори заедно со САД, со Кина и со Русија и дека секоја разединетост во рамките на ЕУ ќе резултира со место од страна, на мал троножец, па дури и за најмоќните членки како што се Франција и Германија. Всушност, и на Британија тоа ѝ стана јасно и веднаш коалицираше со Унијата, токму онаа од која не така одамна се одвои. За нас, секоја наша одлука која би се потпирала на претпоставката за евентуален распад на Европската Унија би била погубна.
Третата дилема е дали процесот на проширување на ЕУ ќе застане. Се разбира не или секако не во догледно време. Процесот на проширување на Европската Унија е најголемиот успех на евратлантското партнерство кој донесе долгорочен мир на Европскиот Континент, нешто што во пишаната историја беше незабележано. Се разбира, секој сериозен политичар со барем малку разум и желба за подобра иднина за својата земја стратешки ќе се ориентира кон најуспешниот мировен проект во историјата кој резултираше и со креирање на втората најмоќна економија во светот. Тоа е и причината што генерации политичари наназад од целиот Балкан, вклучително и од Македонија, а последниве години и од Украина и Молдавија, се одлучија за апликација и за преговори за полноправно членство во Европската Унија. Европската Унија, пак, од своја страна, јасно застана на ставот дека процесот на проширување е од врвен геополитички интерес за иднината и за безбедноста на самата Унија. Оттука неприродно е да се очекува Унијата да се откаже од процесот на проширување. Засега интересот на ЕУ и нашиот интерес се преклопуваат и се генератор на проширувањето, односно нашето интегрирање во Унијата. Дали Унијата ќе биде иста по пет или по десет години од сега? Се разбира не. Унијата ќе се реформира и ќе се менува исто како што и ние ќе се менуваме и ќе се прилагодуваме на новите услови. Но, круцијално за нас е дали и кога и ние ќе го фатиме чекорот со Црна Гора, со Албанија и со Молдавија, дали тие ќе станат членки пред нас, односно дали имаме политичка мудрост, економски потенцијал и административен капацитет да ја оствариме нашата генерациска стратешка цел пред 2030 година.
Четвртата дилема е дали Европската Унија наскоро ќе го промени начинот на одлучување, односно дали ќе го напушти гласањето со едногласност или правото на вето. Веројатно не или секако не во догледна иднина. Факт е дека начинот на одлучување е тема на политички и на стручни дебати години наназад. Брзите глобални промени бараат и брзи одлуки, а тие се тешко возможни кога нерационално се користи правото на вето. Но, факт е и дека за укинување на едногласноста потребна е измена на Договорот за основање на Унијата за што е повторно потребна и едногласност од сите земји членки. Тука кругот, засега, се затвора. За таква суштинска промена на Договорот нема поволна клима. Малите членки се плашат дека на тој начин ќе ја изгубат можноста да влијаат на крупните политички одлуки и дека ќе го нагризат тлото за одбрана на своите национални интереси. Во некои наши кругови се заговара позиција за статус кво во пристапниот процес, односно чекање на промена на начинот на одлучување во Унијата и евентуално бајпасирање на ветото на Бугарија или некое следно вето. Чекањето на нешто што во догледно време нема да се случи е само изгубено време во круцијални политички моменти кога не само што не смее да се успорува процесот туку по секоја цена треба и драстично да се забрза нашето интегрирање во Унијата. На рационалните политичари би требало досега да им биде јасно дека нашиот влез во Унијата мора да се случи пред или заедно со нашите соседи од Западниот Балкан. Во спротивно, чувството на незадоволство ќе се зголемува и ќе креира потенцијал за длабоки национални фрустрации.
Петтата дилема е дали да се откажеме од трагање на излез од наметнатиот нерационален спор со Бугарија. Се рабира не или секако не додека не ги исцрпиме сите опции за рационално решение. Одговорот не е во откажување, тоа е најлесниот, но и најпогрешниот пат за нас. Да не заборавиме, таму сме каде што сме не само поради грешките на ЕУ туку и пред сè поради нашите (погрешни) одлуки. Излезот е во проактивен однос за барањето решение, креирање позитивна клима и создавање пријатели и поддржувачи за нашите аргументи и барани „гаранции“. Но, „гаранциите“ ќе мора и попрецизно да ги дефинираме и погласно да ги артикулираме. „Гаранциите“ како услов за промена на Уставот би можеле да се дефинираат и во смисла на, прво, признавање на македонскиот јазик од страна на ЕУ како еден од официјалните јазици на ЕУ (како дел од пристапните преговори и Поглавјето 34), второ, обезбедување од страна на ЕУ на непречена работа на Комисијата за историски и образовни прашања без никакви временски рамки и ослободени од политички притисоци (и со можна меѓународна експертска поддршка во работата), трето, гаранции од ЕУ за воздржување од унилатерално толкување на спорните делови од билатералниот Договор за добрососедство и непотребно создавање клима на недоверба и политички анимозитети, вклучително и во делот на историја, на образование и на култура, четврто, утврдување на заеднички правила од страна на ЕУ за следење и за елиминирање на говорот на омраза од двете страни и на сите нивоа од општеството, вклучително и социјалните мрежи и дигитални медиуми, петто, неселективно признавање на сите одлуки на Судот за човекови права на Советот на Европа, шесто, писмен договор за завршување на Коридорот 8 (од двете страни) со гаранции од ЕУ, седмо, отворање на граничниот премин Клепало (од двете страни) со посредство на ЕУ.
За погласно да ги артикулираме овие или кои било други помудри „гаранции“ треба да се искористи тековното полско и следното данско претседавање со Советот на ЕУ до крајот на 2025 година. Покрај сите предизвици со кои се соочува ЕУ во моментов или токму поради тие предизвици треба да се промовира Македонија како фактор на стабилност во турбулентниот регион. Ние сме единствената земја во целиот поширок регион со делинеирана и демаркирана граница без ниеден територијален спор, функционално мултинационално и мултиконфесионално општество, со вградени механизми за заштита на правата на сите заедници или малцинства.
Во меѓувреме треба да ја затвориме постапката која ја водиме за дефинирање на официјалното мислење на ЕК за двете одредници за отворање на кластерот Фундаменти, што вклучува Патоказ за владеење на правото придружен со Акциски план за заштита на правата на поединци кои им припаѓаат на малцинствата или на заедниците и Патоказ за реформа на јавната администрација. Веднаш по нивното заокружување, нив ќе треба да ги разгледа и официјално да ги усвои Владата. Круцијално е прецизно дефинирање на Акцискиот план со цел да се избегне во следната фаза внесување во пристапните преговори прашања од билатерален карактер и утврдување на времени одредници поврзани со тие прашања. Акцискиот план е клучот од кој треба да се започне градењето на браната („гаранциите“) од билатерални притисоци.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано