Општество
Крајот на глобализацијата (каква што ја знаеме)
Гордан Георгиев | Авторот е политиколог
Економија и бизнис | печатено издание | 15 април 2025г.
Сега веќе антологиското дело на британскиот историчар Пол Кенеди „Подемот и падот на големите сили“, издадено во 1987 година, е обврзно четиво кое го препрочитувам деновиве. Кенеди прави детална историска анализа на врската меѓу економската сила и воената моќ на големите сили (империи) од 1500 година до крајот на 20 век. Тој истражува како големите сили – како Шпанија, Франција, Британија, а подоцна и САД и Советскиот Сојуз – се издигнале до глобална доминација и потоа доживеале драматично опаѓање. Неговата основна теза е дека преголемата воена ангажираност (military overstretch) која економски ги исцрпува глобалните империи води до конечен распад на империјалните амбиции. Кога државите пренасочуваат преголеми ресурси кон воени цели на сметка на економското здравје, ризикуваат долгорочен пад.
Книгата ги следи промените во рамнотежата на моќта во текот на пет векови, покажувајќи како таа се преместува од Западна Европа кон САД. Кенеди ја истакнува важноста на економската продуктивност како основа за трајна сила, тврдејќи дека нациите мора да одржат рамнотежа меѓу економската база и стратешките амбиции.
Тој завршува со размислувања за САД и за Советскиот Сојуз во времето на Студената војна, сугерирајќи дека и двете се соочуваат со ризик од пренатегнатост. Делото останува важно за геополитички и за стратешки студии и нуди циклусен поглед на динамиката на моќта во светската историја.
Не знам дали Доналд Трамп го читал Кенеди, но убеден сум дека неговите соработници и стратези околу него (наивни сме ако мислиме дека таквите не постојат и дека Трамп на своја рака го игра овој дамин гамбит) размислувале во оваа насока кога го конципирале моделот за (краткорочен) тарифен блицкриг.
Во свет каде што економијата одамна ја надмина дипломатијата како алатка на глобално влијание, воведувањето тарифи повеќе не е само економска мерка – тоа е геополитички гест. Доналд Трамп го разбира ова и очигледно има намера обилно да го користи. Со својата агенда „Америка прва“, тој ја преиспитуваа улогата на САД во глобалната трговија и ја заменува со стратегија на економски притисок, директност и, пред сè, конфронтација. Но, она што започна како борба за балансирање на трговските дефицити брзо добива многу подлабока и посериозна димензија: создавање нова геополитичка реалност.
Тарифите што ги воведе администрацијата на Трамп, особено кон Кина, беа првиот чекор во процесот на раздвојување (decoupling) на најважните две економии во светот. Но, тоа раздвојување не e само економско. Напротив, станува збор за длабок геополитички судир каде што економските средства се само инструмент за поголема цел: поставување на нов глобален баланс на моќ.
Долго време САД и Кина живееја во амбивалентна симбиоза – конкуренција на реторичко ниво, а соработка на практично. Но, Трамп одлучува да ја прекине оваа рамнотежа. Тарифите на кинеските производи се обид да се „казни“ Пекинг за, како што вели Трамп, „декодираната кражба на интелектуална сопственост“, „манипулацијата со валута“ и „нелојалната конкуренција“. Но, зад овие економски термини се крие нешто поголемо: стравот дека Кина не само што ќе ја стигне Америка туку и ќе ја надмине како водечка сила во светот. Практично Трамп се обидува да го сопре неодминливиот тренд на опаѓање на моќта кој го сугерира Кенеди.
Од тој аспект, тарифите не се класичен протекционизам, тие се средство на економска геополитика. Трамп започна да ја користи трговијата како оружје: не за заштита на американските компании, туку за притисок врз цели држави. Оваа логика на „економска принуда“ станува нова норма. Резултатот? Светот сè повеќе почнува да се поларизира: не по идеолошка линија, туку по економско-геополитичка.
Ако трговската војна беше отворен фронт, тогаш односот со Кина е целосна стратегиска реконфигурација. Воените аналитичари одамна предупредуваат дека трговијата е само површината на многу подлабок конфликт. Под неа се кријат прашања како: „Кој ќе доминира со новите технологии? Кој ќе постави стандарди во вештачката интелигенција? Кој ќе има влијание во Индо-Пацификот?“
Тарифите се првиот реален чекор во „одврзувањето“ на економиите на САД и на Кина. Но, со тоа се отвори пат за создавање на два паралелни системи – две технолошки екосфери, два трговски блока, два погледа на светот. Америка почна да го ограничува кинескиот пристап до клучни технологии, како чипови и телекомуникации, а Кина одговори со развој на сопствени капацитети и поттикнување на домашна потрошувачка.
Ова раздвојување нема само економски, туку и безбедносни импликации. Доколку Кина и САД продолжат по оваа патека, светот би можел да влезе во нова ера на „економска студена војна“ – конфликт што не се води со оружје, туку со инвестиции, со технолошка доминација и со трговски пактови.
Друг значаен геополитички ефект од тарифите е реакцијата на другите регионални играчи. Европа, наместо да застане зад својот традиционален сојузник, започна да размислува за стратешка автономија. Франција и Германија отворено почнаа да зборуваат за „европски пат“, независен од Вашингтон или од Пекинг.
Истовремено Азија го засили својот регионализам. Договорите како РЦЕП (RCEP) – кои ги обединуваат Кина со Јапонија, со Јужна Кореја и со десет други азиски економии – се директен одговор на изолациските политики на САД. Наместо да бидат исклучени, овие земји почнаа самите да ги пишуваат правилата на новата економска игра.
Се создаваат нови геополитички оски: Кина − Русија, ЕУ − Африка, Индија − Јапонија, кои ги рефлектираат променетите трговски и безбедносни приоритети. Америка, која со децении беше центарот околу кој се вртеше глобалниот систем, сега ризикува да остане изолирана од сопствената неволност за компромис.
Можеби најзагрижувачкото сценарио е дека економската конфронтација може да се прелее во реална геополитичка нестабилност. Историјата покажува дека трговските војни често се увертира за поголеми конфликти. Кога економската размена се прекинува, исчезнува и најмоќниот механизам за меѓусебно воздржување.
Со зголемениот воен ангажман на Кина во Јужното Кинеско Море, со американската поддршка на Тајван и со технолошкиот пресинг од двете страни, не е тешко да се замисли сценарио во кое економскиот судир се претвора во геостратешка конфронтација.
Во најлошиот случај, светот би можел да се подели во два табора – не по идеологија, туку по инфраструктура, технологии и трговија. Тоа би било крај на ерата на глобализацијата каква што ја познаваме и почеток на нова, помалку стабилна, но повеќе блоковска реалност.
Тарифите на Доналд Трамп се повеќе од економска политика, тие се симптом на свет во трансформација. Нивниот ефект се чувствува не само на берзите и во фабриките туку и во дипломатските сали, во воените стратегии и во визиите за иднината.
Трговската војна што ја започна Трамп можеби е непопуларна на краток рок, но отвора една важна дискусија: дали глобалната економија може да опстои во свет каде што политиката и безбедноста стануваат сè подоминантни? Одговорот на тоа прашање ќе го одреди не само идниот светски економски поредок туку и природата на мирот во 21 век. Засега се чини дека е јасно дека глобализацијата, толку милувана и охрабрувана и од десните и од левите идеологии, доживува некаков крај во формата и во содржината која ја знаевме досега.