Општество

Убавиот збор: Патот и смислата

Тихомир Јанчовски | Авторот е писател

Патот не е само метафора, тој е конкретна смисла на вистинскиот живот. Првата песна што ја напишав во животот, првата „вистинска“ песна што ми дојде однекаде, се вика „Пат“. Не знаев дека во неа кажувам нешто што допрва треба да ме стигне, просто така ми се отвори тогаш. Значи, ПАТ.
Многумина го разбираат и го нашле, а сепак некако слабо им оди одењето по него, и тоа од секакви причини: немање храброст за пресекување, да кажат „доста е“, немање сила за извлекување од дупките на патот, застранување по споредни патеки, вртење во круг... има сто начини како човек да си го упропасти животот, а еден од нив е чекањето, друг пак - одолговлекувањето. Место да оди, човек чека среќата сама да му дојде, без да ја бара. И обратно, може и да ја најде, ама навикнат постојано да оди, може да си замине од неа мислејќи дека била привремена. На патот има многу стапици, и човек учи како да ги совладува со годините. Една по една, тие стануваат препознатиливи, а штом ги препознава, еднаш фатениот во нив веќе не се фаќа на нивните јадици, освен ако не се заљубила рибата во јадицата, птицата во кафезот, пленот во ловецот, јагнето во ножот... За таквите, патот е затрупан и веќе го нема. На патот има сѐ, и пепел, и трња, и заби... ама нема што да се застанува и да се филозофира за тешкотиите. Битно е да се знае каде се оди, да се има насока, а целта може да се менува, од ден за ден, само да не се заталкува постојано кон нови цели. Нив ги има општи и посебни. Една од најперфидните, најдобро маскираните стапици е одвлекувањето на фокусот – влечењето настрана од целта на деновите; распнатоста на многу страни одеднаш и оставањето на она што е почнато за после, за другпат, за некое идно време. Многу мажи и жени сфаќаат на одредена возраст за што се родени и што ги прави исполнети и среќни, ама тоа го одложуваат за некои подобри времиња, кога еднаш ќе завршат со грижите и со обврските што ги живеат во моментот. И најчесто, тој ден не доаѓа. Ќе им дојде еднаш, двапати, трипати... конечно да направат исчекор и да остават сѐ, да ги пресечат синџирите што ги влечат надолу и да тргнат по (или да се вратат на) својот пат, а потоа, им останува само сеќавање и понекој сон или кошмар, за она што можело, а не се збило, не се остварило, не станало... не се оствариле, не станале... останале да седат. Им останала само желба, талент што не е развиен докрај, љубов недокажана, песна недопеана... и тага во очите.
Луѓе, правете што ќе правите, ама од животот – не се откажувајте. Правете го тоа што го сакате оти тоа е за вас. Ништо не морате, и на пари многу да не мислите, зашто тие се никаква плата, обично се лажен бог, златно теле на кое човештвото му се поклонува уште од митски времиња. Гледајте си ги душата и раатот, мирот во неа. Трчајте по она што ве смирува, а не по она што вознемирува – за да не умрете млади, да не ви се насели сенка во очите и да не ви се свитка грбот под тежината на она што сте можеле да бидете, а не сте се осмелиле да тргнете по него кога бил часот... и тој час доаѓал неколкупати, не само еднаш. Тркалото се извртувало и вие пак сте паѓале во некоја од замките. Штом ти е хаос во душата, лежи и излекувај се, и веднаш назад таму кај што си запрел, зашто времето е сѐ што имаме. Релативно или не, пак времето е време, и животот е живот, и тоа не може да се штеди и да се стави во банка или да се инвестира во куќи и во палати.
И за крај, песната „Пат“, од 1992 година, напишана од млад човек, се гледа, ама сѐ уште има што да му каже на оној кој сум сега:

„Пред тебе стои пат
кој не е непрооден
но е неизоден
пат покриен со пепел
со прав, и со заби
знаеш дека мора да се оди
по тој пат
зашто друг нема
тој те избрал и ти си тука
зачекоруваш по него
иако си бос
воздухот се гусне и ретчи
наизменично
го следи ритамот на твојот здив
ти одиш и гледаш
одиш и бараш
и крвта ти навира во слепите очи...
Околу тебе ѕвонци, пајажини, думи
предели што еднакво те мачат
или те радуваат
ти одиш и гледаш
одиш и бараш
Мракот и Светлината
се сменуваат
и ти сè помалку ја разбираш
нивната игра
ти се чини дека пределите
заличуваат еден на друг
се повторуваат
и ти застануваш
иако има уште многу да се оди
се плашиш да не ги здогледаш
пред себе
своите траги
твоите стапала
се претвориле во копита
и ти се прашуваш КОГА?
Мижиш и молчиш и молиш
продолжуваш да чекориш
но слушаш:
Некое куче го лае
твоето вистинско име“


Обични зборови, Скопје, 1999

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано