Општество
Извештај на Омбудсманот: Најмногу поплаки од проблемот со пасошите
15.04.2025
Најголемиот број поднесени претставки до Народниот правобранител минатата година (408 или 15,08 проценти) биле од областа на граѓанските состојби, каде се констатирани најголем број повреди, особено со издавањето на пасошите што беше проблем за македонските граѓани во првата половина на 2024 година.
- Овој проблем засегаше илјадници граѓани кои масовно поднесуваа претставки по различен основ - неможност да закажат термин за фотографирање, бавна изработака и одобрување на патните исправи, пролонгирана испорака на веќе изготвените документи и слично. Неможноста да се добие патна исправа беше причина за прекршување на низа права - слобода на движење, стручно усовршување, здравствена заштита надвор од земјата, учество на спортски и други меѓународни настани, рече народниот правобранител Насер Зибери денеска на прес-конференција на која го презентираше Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2024 година.
Граѓаните во 2024 се жалеле со претставки и за повреда на права од работните односи, како и од областа на урбанизам и градба, а кај потрошувачките права најизразен бил проблемот со високи фактури за потрошена електрична енергија.
Зибери истакна дека во областа на животната средина „се бележи значаен исчекор“ – и во однос на бројот на поднесените претставки, и во разноликоста на подобластите за постапување на Народниот правобранител.
-Граѓаните почнаа да поднесуваат претставки за сите сфери на животната средина, а не само за бучавата, пракса позната низ годините. Така добивме претставкии за загадувањето на воздухот, водата, но и за почвата. Народниот правобранител формира предмет по сопствена иницијатива, пред сѐ, за загадувањето на воздухот во 15 општини чии градови се на врвот на листата најзагадени градови во Европа и во светот. Од добиените одговори произлезе дека сите општини преземаат мерки за справување со загадениот воздух иако реалноста тоа не го потврдува. Затоа, оваа 2025 година, во соработка со невладините организации, со кои потпишавме меморандум, повторно ќе работиме на оваа тема, истакна Зибери на прес-конференцијата.
Во обемниот извештај за прекршени права во 2024-та, се евидентирани и поплаки поради проблем со уписите во матичната евиденција и повторно појава на т.н. фантоми т.е. лица без матичен број и можност за лични документи.
Во однос на правата на детето, Зибери го истакна проблемот со децата на улица кои питачат и се надвор од образовниот систем и апелираше „државата да изнајде системско решение овие деца да се заштитат и да се тргнат од улиците“.
Во извештајната 2024 година, Омбудсманот постапувал по 3148 претставки, од кои 443 предмети биле пренесени од претходната година. Од вкупно 2705 претставки заведени во 2024 година, во најголем број претставки (1006 или 37,19 отсто) граѓаните се жалеле на повреда на нивните права од страна на јавните служби и установи, 859 претставки (или 31,76 отсто) се однесувале на повреда на правата од централната власт, 276 претставки - на повреда на правата од локалната власт, 185 - на повреда на правата од правните лица, во 102 претставки граѓаните се пожалиле на повреда на правата, како од централната, така и од локалната власт, а во 114 претставки подносителите се жалеле на повреда на правата од други субјекти.
Обемниот и детален Годишен извештај за почитувањето и остварувањето на загарантираните права на граѓаните во 2024-та, Народниот правобранител го доставил во Собранието на 27 март.
Извор/фото МИА