Општество
Подобрување на здравствената заштита во областа на нефрологијата, Втора Ренална експертска академија
15.04.2025
На ниво на држава, од 1.031 испитаник од Скопје и Југоисточниот регион, кај 28,5 проценти беше детектирана хронична бубрежна болест (ХББ). Информацијата денеска ја сподели Надица Мисовска, медицински директор на „Диаверум“, специјалист интернист, супспецијалист нефролог, за време на Втората Ренална експертска академија што се одржува во Скопје.
- Од минатогодишниот скрининг, што беше изведен во соработка со Министерството за здравство и Агенцијата за електронско здравство - „Мој термин“, „Диаверум“ изведе прегледи на 1.031 граѓанин од Скопје и Југоисточниот регион. Пациентите кои беа повикани на скринингот, беа во ризик од бубрежно заболување. Дваесет и два отсто е преваленцата на ХББ помеѓу лицата со ризик фактор од Скопје, а 33 проценти помеѓу лицата од внатрешноста, информираше Мисовска.
Од внатрешноста, највисока преваленца на детектирана ХББ била во Струмица, односно 45 проценти.
- Ова дефинитивно ја потврдува важноста од превентива, достапност на нефрологијата, чекор поблизу до граѓаните и потребата за зголемување на свесноста за бубрежното здравје помеѓу нашите сограѓани, подвлече Мисовска.
Втора Ренална експертска академија се реализира денеска во Скопје, во организација на Министерството за здравство и Амбасадата на Шведска.
Амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џаин, рече дека хроничната бубрежна болест е еден од тивките убијци во Европа, со 1 од 10 заболени лица, а Северна Македонија има особено висока стапка на оваа болест.
- Еден од заклучоците на Првата Ренална академија беше дека раното откривање спасува животи и дека мора да има одржливост во грижата за лицата кои се соочуваат со бубрежни болести, а експертите ја истакнаа важноста на превентивната нега, како и индикаторите за квалитет и значајните можности што ги нудат јавно-приватните партнерства. Ние сме многу задоволни што, како резултат на Реналната академија, Министерството за здравство заедно со приватните дијализни центри, како што се Дијаверум и Нефроплус, организираа национален пилот скрининг на дури 2.000 лица со висок ризик од хронична бубрежна болест, рече амбасадорката.
Министерот за здравство Арбен Таравари рече дека е уверен, дека денешниот стручен настан ќе придонесе за размена на најдобрите практики од нашата држава и Шведска, кои во фокусот го имаат пациентот и подобрување на здравствената заштита во областа на нефрологијата и бубрежната нега.
- Ја користам оваа прилика да ја истакнам одличната работа на колегите од Универзитетската клиника за нефрологија, која неодамна одбележа значен 50 годишен јубилеј од основањето. Клиниката е препознаена како регионален лидер во едукацијата, истражувањето и третман на бубрежните болести, со посебен акцент на трансплантацијата на бубрег. Експертскиот тим, составен од универзитетски професори, специјалисти интернисти и супспецијалисти нефролози, се стреми кон континуиран развој на програмите за хемодијализа, перитонеална дијализа и трансплантација на бубрег, кон подобрување на превенцијата, навремената дијагностика и третманот на бубрежни заболувања, истакна министерот Таравари.
Во однос на регионот, рече тој, ние бележиме добар напредок во областа на трансплантацијата, преку мултидисциплинарен пристап каде стручните тимови вршат исклучително благородна дејност. Притоа додаде дека во овој сегмент, се работи и на подигнување на свесноста и едукација за значењето на кадаверичната трансплантација, односно трансплантација од починат донор, каде преку еден хуман чин се продолжува животот или се подобрува квалитетот на живот на повеќе пациенти.
- Сакам да посакам успешна работа на сите учесници од земјава и од странство во втората Ренална експертска академија, која ќе придонесе за натамошно продлабочување на соработката меѓу истражувачите и експертите во Македонија и Шведска, додаде Таравари.
Извор/фото МИА