Општество
Нацрт-извештај на ЕП: Целосна поддршка на амбицијата на земјава за членство во ЕУ
18.03.2025
Северна Македонија продолжува да демонстрира посветеност на интеграцијата во ЕУ и усогласувањето со нејзините политики, па Европскиот парламент повикува на брз напредок во пристапните преговори, но истовремено ја истакнува и важноста од усвојување на договорените уставни амандмани, се наведува во Нацрт-извештајот на известувачот на Комитетот на надворешни работи на ЕП (АФЕТ) за земјава, Томас Вајц, во кој увид имаше МИА.
- (Европскиот парламент) ги охрабрува сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус за овие амандмани, кои би го зајакнале мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзале нејзиниот напредок кон членство во ЕУ, се наведува во текстот на нацрт-извештајот, што денеска ќе биде презентиран пред членовите на Комитетот.
На предложениот текст на овој извештај европратениците имаат право на амандмани, па конечната негова верзија, што би требало да биде усвоена во мај, би можела да претрпи извесни измени.
Во извештајот се повторува целосната поддршка на ЕП на амбицијата на Северна Македонија да се приклучи на ЕУ и се потсетува на потребата да се задржи моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција.
- Ги поздравуваме новиот Механизам за реформи и раст за Западен Балкан, кој ќе обезбеди 750 милиони евра грантови и заеми за Северна Македонија, како и континуираната стабилност на меѓуетничките односи и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, се додава во документот.
Во Нацрт-извештајот се повикува земјава да ги интензивира напорите за зајакнување на владеењето на правото и независноста на судството, борбата против корупцијата, реформирањето на јавната администрација и подобрувањето на транспарентноста околу сопственоста на медиумите.
Во предлог документот се наведува дека демократските институции во земјата функционираат „задоволително“, но оти политичката поларизација останува пречка за неопходните реформи.
Во документот се поздравува усвојувањето на новиот Деловник на Собранието, додека во однос на Изборниот законик се наведува дека е потребна „сеопфатна изборна реформа“ и се повикува на имплементација на вонредните препораки дадени од ОДИХР и Венецијанската комисија.
ЕП повикува на подобрено регулирање на финансирањето на политичките партии и кампањи, вклучувајќи и мерки за зголемување на транспарентноста, на континуирана модернизација на јавната администрација заснована на заслуги, адресирање на системските предизвици на политизација и зајакнување на транспарентните процеси на регрутирање, како и на понатамошни чекори за да се обезбеди системска одговорност на јавните институции преку значајни и јавни консултации со засегнатите страни.
- Ги повикуваме властите на Северна Македонија да се воздржат од нетранспарентни политизирани отпуштања и назначувања на функции во независните тела и агенции, како и да обезбеди дека организациите се соодветно финансирани и дека одлуките и препораките се спроведуваат доследно, се додава во Нацрт-извештајот.
Во документот се потсетува на потребата од реформа на правната рамка што ги регулира онлајн и офлајн медиумите, со цел нејзино целосно усогласување со Европскиот закон за слобода на медиумите и се повторуваат барањата на ЕО за „сеопфатна реформа на правилата за државното финансирање и рекламирање на политичките партии во медиумите“.
Со нацрт-извештајот се повикува на подобрување на уредувачката и финансиската независност, непристрасноста и професионалноста на јавните радиодифузни сервиси и медиумските регулатори и се изразува загриженост за „континуираните закани и напади врз новинарите“.
- Го поздравуваме назначувањето на обвинител надлежен за нападите врз новинарите и воспоставувањето механизми за известување за кибер малтретирање, се наведува во текстот и се повикува за зајакнување на мерките за поддршка на истражувачкото новинарство и медиумската писменост со цел борба против говорот на омраза, дезинформациите и странското мешање.
- Меѓуетничките односи остануваат стабилни и Охридскиот рамковен договор продолжува да се спроведува. Потребно е соодветно финансирање и екипирање за институциите кои ги штитат правата на немнозинските заедници. Лицата со попреченост и натаму се соочуваат со значителни бариери, бидејќи законодавството на земјата се уште не е усогласено со Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, се додава во нацртот на документот.
Во предложениот текст се поздравува првата судска одлука за говор на омраза против ЛГБТИК заедницата, но повикува и на систематско гонење на сите случаи на говор на омраза, злосторства од омраза и заплашување. Исто времено, од земјата се бара да го зајакне менаџирањето се миграцијата, да го подобри усогласувањето со правото на ЕУ и да одговори на постојаните предизвици во справувањето со редовната и нерегуларната миграција.
- Со сериозна загриженост се забележува дека досието на земјата во борбата против корупцијата се влоши, особено поради измените на Кривичниот законик кои ја ослабнаа правната рамка, што резултираше со прекинување на многу тековни случаи и дека вооченото ниво на доверба во судството останува многу ниско, па се повикува на зајакнување на независноста, транспарентноста и ефективно функционирање на правосудните органи. Со загриженост се забележува недостиг на напредок во спречувањето и борбата против корупцијата, како и дека финансиските истраги и натаму се слаби, па се повикува на зајакнување на оперативниот капацитет и соработката на структурите одговорни за борба против организираниот и финансискиот криминал, се наведува во нацрт-извештајот.
Во него натаму се повикува на зајакнување на независноста на безбедносните и разузнавачките тела преку соодветни регулаторни рамки, како и на понатамошни напори за градење отпорност против странско мешање и манипулација со информации.
Во делот посветен на социо-економските реформи се препорачува земјата да продолжи да ги следи чекорите за подобрување на деловната клима и инфраструктура, за зајакнување на образованието и дигиталната инфраструктура и за подобрување на системите за социјална заштита.
- ЕП ја пофалува посветеноста на земјата за негување добрососедски односи и нејзината улога како модел за мирно решавање на билатералните спорови преку дијалог и меѓусебно разбирање и во таа смисла потсетува дека билатералните договори треба да се спроведуваат со видливи резултати и со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. ЕП повикува на доследна посветеност на дијалог и соработка со соседните земји за да се поттикне меѓусебната доверба, се додава во нацрт-верзијата на извештајот во кој МИА имаше увид.
Извор/фото МИА