Општество

Агелер: Нашите срца се скршени

17.03.2025

Нашите срца се скршени, благодарна сум на земјите од регионот за веднаш дадената помош, изјави американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, по потпишувањето во Книгата на жалост поради загинувањето на 59 лица во Кочани, отворена во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

- Благодарна што денеска дојдов овде со мојот пријател амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас. Ние ја понудивме сета можна помош, но ние сме далеку и благодарна сум повеќе земји од регионот реагираа многу брзо и понудија помош, и презедоа дел од повредените и понудија помош што им беше потребна во моментот. Ние немавме можност тоа да го понудиме бидејќи сме далеку, и затоа сум многу благодарна на моите колеги и нивните земји што го сторија тоа, изјави Агелер.

Претставникот на Светската здравствена организација (СЗО) во земјава Акиим Али, по потпишувањето во Книгата на жалост изрази сочувство до целата нација по повод трагичниот настан во Кочани, во кој животот го изгубија 59 лица, а 155 се повредени.

- Ова е навистина трагичен настан и во овој момент сè што можеме да направиме е да го изразиме нашето сочувство до целата нација, до заедниците и семејствата кои ги жалат оние кои ги изгубија, како и до оние кои се молат за брзо закрепнување на повредените пријатели и деца.

Посочи дека како Светска здравствена организација нудат поддршка на кој било начин што можат да ја дадат во овој момент, како и за понатамошните потреби, штом имаат појасна претстава.

-СЗО стоеше и стои на располагање за земјата брзо и ефикасно да ја добие потребната поддршка и грижа за луѓето на кои им е потребна, рече Али.

Евроамбасадорот Михалис Рокас денеска изјави дека ЕУ како партнер на Северна Македонија е тука со поддршка и помош од првиот миг на трагедијата што се случи во Кочани, во која животот го изгубија 59 лица, а 155 се повредени.

-Сакам да го изразам моето сочувство до сите луѓе на оваа прекрасна нација што тагува во овој момент. Ние ја извршуваме нашата должност за помош како ваши партнери и тука сме од првиот миг. Го активиравме Механизмот за цивилна заштита на ЕУ и задоволен сум што гледам дека многу земји-членки веднаш понудија помош и ќе продолжиме да го правиме тоа, рече Рокас, откако се потпиша во Книгата на жалост што беше денеска отворена во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Евроамбасадорот додаде дека тука се работи за солидарност и треба да се поддржуваме меѓусебе во вакви тешки мигови. 

Шведската амбасадорка во земјава Ами Ларсон Џаин истакна дека е важно да се биде тука денеска и да се покаже поддршка за Северна Македонија во овие претешки времиња.

Амбасадорката на Шведска исто така се потпиша во книгата на жалост во македонското МНР.

-Нашите срца се скршени за многуте млади животи коишто беа изгубени, како и за повредените. Северна Македонија упати барање за помош преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ и тој беше активиран вчера и веќе работиме во ЕУ да пронајдеме начини за поддршка. Шведските власти веќе се дел од оваа помош и изнаоѓаме начини за да го пружиме најдобриот начин на поддршка во овие времиња. Ова е израз да се покаже пријателството меѓу Северна Македонија и Шведска, како и другите европски земји, рече Ларсон Џаин.

 

 

ПРЕПОРАЧАНО