Општество
Во Велес одбележан Денот на математиката со интересно предавање со логички загатки
14.03.2025
Во организација на Здружението на математичари од Велес денеска во просториите на ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ во Велес за средношколците и деветооделенците од основните училишта се одржа едукативно предавање насловено „Визуелизација на функциите и нивните својства со помош на образовен софтвер“.
Предавањето го одржа професор Зоран Трифунов велешанец кој работи како професор по математика на Факултетот за технички науки при државниот универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје, а имаше за цел да им ја приближи на учениците математиката на популарен начин преку секојдневни ситуации, како и преку користење на компјутерите.
Во изјава за МИА, Трифунов информира дека целта на ова едукативно предавање било да им се популаризира и приближи математиката на учениците, да ја засакаат и да сакаат да ја изучуваат, а воедно со нејзино познавање полесно да ги решаваат проблеми од секојдневието.
- Приближувањето на математиката го правиме со упростување на математиката преку секојдневните функции што ги користиме. Односно некои функции што го претставивме преку оваа денешно предавање беше решавање на нашите проблеми од многу области од секојдневниот живот, како во сообраќајот, здравството и други гранки, а за што е потребно барем основно познавање на математиката, појасни Трифунов.
Тој потенцира дека на учениците сака да им ја приближат математиката која, како што рече, не е надвор туку е составен дел од нашето секојдневие.
- Воедно сакаме да им укажеме дека и компјутерот можеме да го користиме за визуелизација и побрзо претставување и гледање на својствата на функциите, појасни професорот Труфунов.
Учениците по предавањето за МИА, ни изјавија дека тоа им било интересно и оти од денеска математиката им станува привлечна и повеќе ќе ја учат.
Мира Ташкова, професорка по математика од ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ и претседател на Здружението на математичари на Велес, организатор на оваа предавање и на други вакви и слични активности, за МИА информира дека нивното здружение повеќе години наназад преку популарни игри и предавања прави големи напори да им ја приближи математиката на учениците и веќе постигнува успеси со зголемување на бројот на ученици кои се интересираат за математиката и се пријавуваат на нивните натпревари. Воедно појасни дека денешното едукативно предавање се одржа по повод денешниот Ден на бројот Пи, а воедно и Ден на математиката.