Општество
Трансплантација на бубрег чекаат околу 160 пациенти
12.03.2025
Трансплантација на бубрег чекаат околу 160 пациенти во државата. Во моментов на дијализа одат 1.657 пациенти во 23 центри за дијализа, распоредени низ 17 градови. Најмладиот пациент на дијализа имал само четири години и тој, за среќа, сега веќе е трансплантиран. Најмладиот пациент кој посетува центар за дијализа има 13 години.
Од Здружението на бубрежно болни „Нефрон“ бараат креирање на глобална стратегија за справување со бубрежните заболувања, со акцент на превенцијата и раниот скрининг за навремено откривање на болеста. Потребен е систем каде бубрежно болните лица ќе може да ги остварат нивните права без да лутаат по здравствените и социјални лавиринти, со психо-социјална поддршка на пациентот и семејството, бидејќи тоа е болест што се одразува на поширокото семејство, велат од „Нефрон“.
Годинава, не е направена ниедна трансплантација, поради реновирање на одделението на Клиниката за урологија. Директорот на Универзитетската клиника за урологија во Скопје, Башким Шабани за МИА појаснува дека во моментов имаат четири болнички соби, каде се вршат интервенции само на итни случаи и карциноми.
- Се планира реновирањето да заврши најдоцна до 15 април и по ова ќе почнеме со трансплантација на ливинг-донор и кадаверична трансплантација. Напоменувам дека во овој момент Центарот за трансплантација е нефункционален поради фактот што во тие простории биле третирани прележаните пациенти со коронавирус и поради тоа што технички не е функционален, а за жал, овие простории за време на пандемијата биле оштетени. По завршување на реновирањето, се предвидува реновирање и на Центарот за трансплантација, вели Шабани.
Од 1977 година до денес извршени се 596 трансплантации, од кои, 512 од жив донор и 84 кадаверични.
- Во споредба со другите балкански земји, ние сме на врвот, во подобра состојба со трансплантација на бубрези. Во однос на европските земји, сме многу далеку наназад, вели Шабани.
Најмладиот пациент на кој му е извршена бубрежна трансплантација е на 15-годишна возраст, а најстариот има 67 години. Според Шабани, листата на чекање за трансплантација на бубрег во нашата држава е долга.
- Околу 160 пациенти чекаат за ливинг-донор и кадаверична трансплантација, нагласува Шабани.
По повод Светскиот ден на бубрегот, што се одбележува вториот четврток од март, Здружението на бубрежно болни граѓани - „Нефрон“ организира настан „Дали вашите бубрези се здрави? Откриј навремено и заштити го здравјето на бубрезите!“.
Хроничната бубрежна болест, како што посочуваат од „Нефрон“ е тивка пандемија на 21. век за што се предвидува дека до 2040 година ќе стане петта водечка причина за предвремена смрт кај населението. Еден од 10 возрасни лица имаат некоја форма на бубрежно оштетување, а скоро 90 отсто од луѓето кои се соочуваат со хронична бубрежна болест, го игнорираат нејзиното постоење.
Извор/фото МИА