Општество
Приградските населби мака мачат со јавниот превоз
12.03.2025
Покрај јавниот превоз во централното градско подрачје, Јавното сообраќајно претпријатие треба да ги опслужува и приградските населби кои гравитираат околу Скопје. Според информациите објавени на веб страницата на Јавното сообраќајно претпријатие, јавен превоз има до селата Рашче, Визбегово, Долно Лисиче, Љубен, Трубарево, Љубанци, Љуботен, Студеничани, Моране, Ржаничино, Катлановска Бања, Колонија Идризово, Арачиново, Брњарци, Орланци, Грушино, Бојане, Копаница, Сопиште, Матка, Побожје...
Од Јавното сообраќајно претпријатие во изјава за МИА велат дека моменталната состојба со јавниот превоз е подобрена и дека сите возачи максимално се трудат да го запазат предвидениот возен ред и да стигнат во претходно определениот термин.
Сепак, на нередовен јавен превоз се пожалија од Општина Сопиште од каде нагласуваат дека секојдневно до нив стигнуваат поплаки од граѓани. Велат дека проблемот е актуелен веќе две години, но дека во последно време станува се поалармантен - автобусите не сообраќаат по утврдениот возен ред, а често се случува неколку поаѓања и воопшто да не се реализираат. Поради нередовност на автобусите, граѓаните не можат да го планираат времето и доцнат на здравствени прегледи, работа, училиште, факултет....
Градоначалникот на Сопиште, Стефче Трковски во изјава за МИА вели дека квалитетот на испорачаните услуги е на незадоволително ниво и покрај тоа што како Општина навремено ги подмируваат финансиските обврски кон ЈСП.
Од ЈСП во писмена изјава за МИА тврдат дека превозот во текот на денот, согласно возниот ред е реализиран навреме со чесни исклучоци кога станувало збор за исклучување на возилото поради технички проблем и неможноста навремено да се достави резервен автобус. Од неодамна, како што велат, на територија на општина Сопиште имале вклучено и од новите автобуси од типот MAN.
Тврдат дека имаат доволно капацитет да ги задоволат потребите на жителите од оваа општина и дека преземаат се што е во рамки на нивните можности за редовен јавен превоз.
Извор МИА