Општество
Востановена награда „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади
11.03.2025
На 11 март, денот на раѓањето на мајката на сите македонски писателки – Оливера Николова, издавачката куќа „Арс Ламина“ ја востанови наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади.
На прес-конференцијата што денеска се одржа во „Литература.мк“, во „Дајмонд мол“ се обратија Бранка Бугариска (директорка на издаваштво во „Арс Ламина“) и членовите на жирито за наградата „Оливера Николова“ за 2025 година: Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Весна Мојсова-Чепишевска (универзитетска професорка) и Јагода Михајловска-Георгиева (писателка).
– Со оваа награда сакаме да ја зачуваме и продолжиме големата книжевна традиција што ја остави Оливера Николова (1936-2024). Нејзиниот придонес во македонската литература, а особено во романот за деца и млади, е немерлив. Со своите дела таа внесе автентичност, емоционална длабочина и хуманост, кои и денес инспирираат генерации читатели. Нашата мисија е да го поддржиме овој книжевен жанр, да му дадеме нова сила и да поттикнеме автори кои ќе ја продолжат оваа значајна традиција. Романот за деца и млади има клучна улога во обликувањето на карактерот, во развојот на емпатијата, во отворањето нови светови за најмладите. Во време кога книжевноста за деца е притеснета меѓу сликовниците и литературата за возрасни, нашата цел е да го ревитализираме овој жанр, да му дадеме простор да расцутува и да стане повторно значаен дел од современата македонска книжевна сцена... Во чест на Оливера Николова, во чест на идните генерации читатели, ги покануваме сите автори да учествуваат и да бидат дел од ова книжевно наследство кое продолжува да живее , рече Бугариска.
Мисијата на наградата е двојна: да се одржи континуитет на големото авторско име на Оливера Николова со симболично творечко надоврзување на нејзината бележита трага во современата македонска книжевност, како и да се ревитализира еден од жанровите во кои создаваше Николова – романот за деца и млади.
- Востановувањето на оваа награда е исто така причесна за македонската книжевност. Преку неа раскажувачката рака на Николова ќе продолжи да чука како срце и да бие како камбана. Се надевам дека со востановувањето на оваа награда за необјавен роман за деца и млади којашто го носи нејзиното име барем малку ќе ѝ се оддолжиме на Оливера Николова за сето тоа што таа го направи за нас и за современата македонска книжевност, рече Оливера Ќорвезироска, уредничка во „Арс Ламина“ и член на жирито.
Професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Весна Мојсова-Чепишевска, која исто така ќе ги оценува пристигнатите ракописи на конкурсот за најдобар необјавен роман за деца и млади, рече дека време е авторите да покажат колку се навистина добри творци, ставајќи го својот пишувачки порив пред предизвик – да напишат роман за деца или роман за млади и да се борат за наградата „Оливера Николова“. Јагода Михајловска-Георгиева рече дека ниту една досегашна награда за литература, за возрасни или за деца, не ѝ предизвикала олкава радост и ентузијазам како оваа.
Наградата „Оливера Николова“ ќе се доделува секоја година на 11 март, а првиот конкурс се отвора денес и трае до 11 јуни 2025 година. Право на учество на конкурсот имаат сите полнолетни лица кои ќе пратат необјавен ракопис – роман за деца и млади, напишан на македонски јазик и со кирилско писмо. За наградата можат да конкурираат необјавени романи (ракописи) за деца и млади, во должина од 2 до 5 авторски табаци (од 32 до 80 страници), што ќе ги достават самите автори по електронска пошта на е-адресата konkurs@arslamina.com, како Word или PDF-документ со назнака: за конкурсот „Оливера Николова“. Наградата е откупна и се состои од паричен износ од 60.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција на издавачката куќа „Арс Ламина“. Одлуката за првиот добитник на наградата „Оливера Николова“ ќе биде објавена во септември 2025 година. Наградата ќе биде доделена на посебен свечен настан во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“.
Издавачката куќа „Арс Ламина“, под својот импринт „Арс Либрис“, во 2022 година го реобјави целокупното творештво за возрасни од Оливера Николова. Станува збор за 12 наслови, спакувани во 10 тома, кои се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, објавени во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели. Исто така „Арс Ламина“ има објавено и дел од романите за деца и млади на Николова: „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“ и „Мојот звук“, како и сликовницата „Сакам-неjќам“
Извор/фото МИА