Општество
Време е за будење на Обединета Европа!
Ивор Мицковски | Авторот е политиколог
Економија и бизнис | печатено издание | 01 март 2025г.
Европа го дочека своето трауматско освестување како последица на помирувањето меѓу Америка и Русија, најавите за повлекување на САД од Европа и потребата од зголемени трошоци во oдбраната и за конвенционална одбрана на Стариот Kонтинент.
Европа се најде исфрлена од преговорите за примирје и како карта за размена во најавената геополитичка револуција на Трамп и во односите меѓу светските суперсили. Тоа значи дека Европа ќе треба да плати огромна цена за сопствената заштита и за своите идни односи со непријатниот и непредвидлив сосед каков што е Русија. Оттука Европа ќе мора да ослободи средства и ќе биде ослободена од американски трупи на своја територија, кои неизбежно ќе завршат за потребите на американскиот дуел со Кина.
Оваа поделба на трудот, за волја на вистината, Америка ја бараше уште од поодамна и таа можеше да биде организирана и договорена, но под услов Европејците да слушаа и да се подготвуваа за неизбежното. За жал, тоа не беше така, па затоа ударот и нападот на Трамп денеска изгледаат толку трауматично и болно. Доброто е што САД најверојатно нема да излезат од НАТО, но Европа ќе мора да ја преземе конвенционалната безбедност на континентот и ќе остане со слаби гаранции за нуклеарниот штит и членот 5 од страна на Америка. Со една строго „дефанзивна“ и „минимална“ НАТО Алијанса, Европа треба да разбере кои се трошоците и бенефициите од новиот асиметричен сојуз со Америка и колку навистина Унијата е во состојба, пред сè економски, а потоа и политички да „се носи“ со светските гиганти, почнувајќи од соседот Русија.
Првата работа што Европа треба да ја направи е да престане да се однесува како „Калимеро“ во светот на политиката и на економијата. Ако нешто е погрешно, тогаш тоа е фактот дека Европа предолго време живееше во една мошне комотна позиција, нешто што досегашните меѓународни предуслови го дозволуваа. Основите на европската благосостојба извираа и беа гарантирани од американскиот нуклеарен и воен чадор, од евтините руски енергетски набавки и од кинеското расположение обилно да купува производи направени во Обединета Европа („Made in UЕ“). Ниеден од овие три предуслови за мирен живот денеска повеќе не егзистираат.
Па сепак, и покрај траумата и шокот кои дојдоа со брзина на светлината, постојат бројни, пред сè економски аргументи зошто Европа не треба да биде зафатена од некаква си психоза − затоа што и Европа има сила која претпоставува одредена одвратувачка моќ. Ако направиме неколку рационални и фундаментални компарации со најголемата закана по Европа, односно Русија, ќе ги видиме реалните вредности и димензии на предизвикот.
Европа на својата источна граница ја има најраспростанетата земја на планетава, Руската Федерација со нејзините 174,8 милиони км2, додека Унијата наликува на малечкиот Давид со само 4,4 милиони км2. Но, супремацијата, ако само вака можеме да ја одредуваме, завршува тука. Напротив, Русија и утре да го земе еден Донбас, со димензии од нешто помалку од две Македонии или само 0,028 % од руската маса, прашање е дали вредеше и ќе вреди по стотиците илјадници воени жртви и системското уништување на земјата со која утре би требало да раководи.
Втор елемент е дека во Русија живеат 146 милиони луѓе. Европа, од друга страна, има 447 милиони жители со пораст од 13,9 % од 1990 година, додека Русија во истиот временски интервал изгубила 1,3 % од популацијата. Многумина би рекле дека демографскиот елемент е секундарен, но како што видовме и во украинскиот конфликт, главната воена предност на Русија се состои од фактот што имаше поголема маса на луѓе за употреба како топовско месо. Европскиот проблем, ако така сакаме, не е во демографијата колку што е во културната и во цивилизациска димензија, каде што Европејците во последните три генерации се самоубедија дека е невозможна војна на континентот.
Потоа тука се стриктно економските основи и тие сигурно не се во полза на Русија. Почнувајќи од царевите, па советскиот модел и сè до финалниот колапс, Русија отсекогаш е окарактеризирана од економска заостанатост, главно детерминира од постојаниот режим на неслобода. Во првите години од новиот милениум, Путин имаше историска шанса да ја преобрати оваа историска тенденција. Во периодот меѓу 1998 и 2008 година, БДП на Русија, понесен од ветровите на хиперглобализацијата, растеше трипати побрзо од оној на Европа. Потоа светот западна во глобална финансиска криза каде што сите држави доживеаја нагла инволуција на растот. Започна ерата на спората глобализација.
Русија беше особено погодена со брутален пад на БДП од 7,8 %, речиси дупло во однос на Европа. Реакцијата на Путин на таквите случувања беше да го замаскира економскиот пад со империјални проширувања во соседството, почнувајќи од Грузија, па Крим и на крај Украина, сите нападнати повеќе или помалку преку истиот модалитет.
Од тој момент, соодносот меѓу овие две реалности, Русија и Европа, ќе остане речиси стабилен. Европскиот БДП во номинална вредност систематски ќе биде 8 пати поголем од оној на Русија. И тоа се само квантитативните вредности, додека ако сакаме да гледаме квалитативно, тогаш не постојат споредби. Европа има индустриска структура која е една од најмоќните и најразвиените во светот како што потврдува и позитивата во нејзиниот трговски биланс. Од друга страна, зависноста на руската економија од извоз на енергенти говори за една структура која повеќе наликува на онаа на земјите од некогашниот „Трет Свет“.
Овие огромни економски разлики, или големата европска економска моќ и супериорност, заедно со демографијата честопати паѓаа во втор план поради погрешните или лошите европски политики. Политиката на штедење долги години ги примора одделните европски држави да ја потиснат внатрешната побарувачка со цел да се фокусираат на извозот. Во исто време, несигурностите и недореченостите за европскиот „Зелен договор“ дејствуваа обесхрабрувачки за вистинска инвестициска политика. Но, факт е дека продуктивната база на Европа е интегрална и таа лесно може да се пренасочи и за воени цели и на тој начин да ја намали набрзина разликата со својот источен сосед.
Заедничката одбрана или трошењето 5 % за НАТО од тој аспект би требало да биде издржлив напор од финансиска гледна точка?! Доволен податок е дека воената потрошувачка на НАТО во периодот 1994 − 2024 година била за три пати поголема од онаа на Русија. Европа во тој период не произведе доволна одвратувачка моќ спрема Русија само поради фактот што воената потрошувачка е фрагментизирана како последица на недостаток на заедничка одбрана.
Оттука и последното и најново предупредување на Марио Драги дека ЕУ мора да почне да се однесува како единствена држава. Драги инсистира на заедничко задолжување и на единствена фискална политика за Унијата и за инвестициски бран од најмалку 800 милијарди евра. Поранешниот прв банкар на Унијата ги предупреди државите дека актуелната глобална конјуктура повеќе не дозволува функционирање како до вчера и дека Европа мора да престане да кажува „не“ за сè.
Будилникот за Европа одамна има преѕвонето, но Унијата и понатаму изгледа како да е во пижами и најмногу што прави е да месечари. Транзицијата која ја очекува, не само за безбедносните прашања, бара стратешки одговори за насоката и за улогата која сака да ја има Европа во еден свет кој забрзано се менува. Ако Европа сака да се афирмира во новата ера, тогаш мора да еволуира во вистинска политичка унија, во европска федерација, способна да го одржува чекорот со брзината и со френетичноста на дигиталната ера. Во спротивно ризикува да остане заробена во времето, маргинализирана на светската сцена, без разлика колку трауми и шокови доживеала или будилници пропуштила. Економската и финансиската сила ја има, демографијата е на нејзина страна, единствено нешто што недостасува се политичката волја и одлучност. Време е за будење!