Општество
Општина Кисела Вода воведува финансиска поддршка за пензионерите
05.03.2025
Општина Кисела Вода воведува за прв пат еднократна финансиска поддршка за најранливите категории пензионери. Со оваа мерка, финансиска помош ќе добијат сите пензионери кои примаат старосна, инвалидска, семејна или социјална пензија и се жители на општина Кисела Вода, а чии месечни примања не надминуваат 22.640 денари според јануарскиот чек за 2025 година. На секој од нив ќе му бидат доделени 2.500 денари како еднократна финансиска поддршка. Општината дополнително ќе го покрие и персоналниот данок, кој не е пресметан во овие средства. Оваа помош ќе се доделува се до исцрпување на предвидените средства, кои во буџетот на Општина Кисела Вода за оваа намена изнесуваат 7.000.000 денари.
Јавниот повик ќе биде објавен утре (06.03.2025) во весникот ,,Слободен печат”, како и на општинската веб страна каде што ќе може да ги најдете критериумите и сите дополнителни информации.
фото freepic