Општество
Преуреден свет
Гордан Георгиев | Авторот е политиколог
Економија и бизнис | печатено издание | 01 март 2025г.
Светот е веќе преуреден или е во фаза на темелно преуредување. Остана ли уште некој кој се дрзнува да го оспори ова тврдење? Но, не, Доналд Трамп не е изворишната причина (causa prima) за ова глобално раскревање. Доналд Трамп е само резултат (секако важен резултат) на повеќе кумулативни историско-политички причини кои, вмрежувајќи се меѓусебно, создадоа хумус на кој денес растат некои нови тревки, цветови или дрвја.
Денес веќе можеме повеќе или помалку јасно да ги препознаеме контурите на неколкуте главни двигатели и причини за новата состојба која ја живееме. И сите овие двигатели постојат и денес и присутни се тука и сега.
1Заводливата природа на капиталот (и на капитализмот). Еднакво возљубено прегрнат и од десницата (неговиот природен сојузник) и од левицата (нејзиниот природен непријател), природата на капиталот го врти светот. Во потрага по неговото височество профитот, капиталот немилосрдно и постојано продира. Кина и Русија и нивното зграпчување на капитализмот се само еден пример. Но, капитализмот, особено неговата неолиберална и денес важечка парадигма, создаде огромни дискрепанци и незапамтена нееднаквост меѓу луѓето. Таквите нееднаквости претставуваат моќни политички сили, и за малкуте премногу богати и за многуте премногу сиромашни.
2Мегаспинот кој му овозможи на капиталот/капитализмот да биде она што денес е се нарекува глобализација. Исто така еднакво здушно прегрната и од десницата и од левицата. Ако глобализацијата за десницата беше природен и посакуван хабитус, за левицата не требаше да биде, барем не некритички. Но, левицата ја промовираше економската и финансиска глобализација насекаде, на цел глас. Во периодот 2000 − 2010 година, курикулумите на сите светски престижни универзитети (и до денешен ден најопстојните левичарски легла според новиве десничари) беа преполни со некритичко легитимирање на глобализацијата, без претеран осврт за можните ризици од неа. Политички целиот „трет пат“ е всушност маневар за легитимација на овој тип хиперкапитализам на крилјата на глобализацијата. Бил Клинтон, Тони Блер, Герхард Шредер би требало да седат на „обвинителна“ клупа за оваа работа бидејќи тие ја затапија острицата која до вчера функционираше и се потпираше на премисата дека капитал(измот) мора да биде некако контролиран и акомодиран за да не се случат преголеми потреси во системот. Токму спротивно на тоа, овој тип глобализација создаде огромни профити и консумеризам. И повторно, мејнстрим левицата не само што го одобруваше тоа и не најде начини да го адресира јазот на нееднаквоста туку и овој тип на глобализација беше претставен како општествена закономерност која не може да се избегне.
3Огромните профити за малку луѓе создаваат центри на политичка моќ, т. е. економска моќ која во одреден момент претендира да влијае на политичката моќ, онаа на политичарите избрани на демократски избори.
Просто е неверојатно како во овој идеализиран свет на консумеризам потребата за доминација и за тврда политичка моќ остана непресушен извор на турбуленции на глобалната сцена. Потребата за моќ и за доминација се сестри близначки на стравот како моќен општествен агенс. Овој коктел произведува (страв од) конфликт, војна, неизвесност. Кој можеше да помисли дека во 2025 година, по сите благодети кои ги доживеаја западните општества, ќе можеме да замислиме дека ќе ни се случат Украина и Газа на пример. И дека во вака глобализиран и интегриран свет важноста на нацијата, на територијата и на припадноста спрема одредена група сè уште ќе бидат доминантни светогледи.
4Но, пргавоста на концептот на нацијата се соочи со еден друг вид предизвикувач: индивидуализмот како доминантна и посакувана идеолошка парадигма. Политиката на идентитет (identity politics) се одвои сосема од глобализираната економија. Вистинскиот расцеп одеше не толку по линија на лева или на десна идеологија, туку по линија на отворен или затворен општествен систем кој е подготвен или не да прими критични влијанија. Така сето она што се сметаше за „отворено“ беше на цена: отворена култура, права на неетнички маргинализирани групи, економска и финансиска глобализација, отворен и посакуван влез на имигранти поради купување на социјален мир и евтина работна сила... Импликацијата и пораката од овој глобален тренд беше дека границите не се битни повеќе, а нацијата е секундарна. Но, чувството за припадност, особено развивано кај губитниците од глобализацијата, остана да лебди тука некаде. Чувството на заедништво, заеднички обврски кон државата во која живееме, потребата за плаќање даноци, за истородно образование за сите, зборување и разбирање на ист јазик, за гласање на одредена територија на секои четири години и уште многу други довчерашни врзивни ткива на една нација почнаа повторно да добиваат значење. Индивидуализмот како постулирана идеологија на десниот и на левиот глобализациски капитализам го доби ударот токму од страна на реакционерната десница.
5Конечно, реакционерната десница, здружена со технологијата во голема мера и контролирана од олигополи кои тежат трилиони долари, драматично го акцелерираше и онака вртоглавиот пат кон новиот свет. Вака поставената и контролирана од малкумина, технологијата поседува огромна моќ за манипулација и за создавање паралелни наративи и компетитивни вистини. Ако денес гледате паралелно Си-ен-ен и Фокс њуз, вие сте во сосема различни светови кои пропагираат свои вистини. На вашите социјални мрежи, секако, сте опкружени со меури на истомисленици создадени од страна на моќните алгоритми и луѓето кои стојат зад нив. Развластувањето на вистината со помош на технологијата е последното камче од мозаикот кој го сочинува новиот свет во кој веќе живееме.
Како резултат на сето погоре напишано, подгревано од разни страни, на некој начин чувано да созрее, на светот во само два дена му се случија два потреса за време на безбедносната конференција во Минхен. Тоа беа пораките на Пит Хегсет, секретарот за одбрана на Трамп, и на Џ. Д. Венс, потпретседателот на Трамп. Која беше пораката? Дечковци, веќе ништо не е исто, мораме да се разделиме на овој или на оној начин. Ние како глобална суперсила сме во релативен пад и нашиот пад мора да запре. Ние мораме да се одржиме на глобалната сцена, но и да го спасиме тоа што може да се спаси дома, во САД!
За нас останува да заклучиме дека во оваа игранка нема невини. Сите сме внатре.