Општество

УБАВИОТ ЗБОР: Малку за Адам и за рајот

Тихомир Јанчовски | Авторот е писател

Еден ден се прашав и до ден-денес не ми е јасно зошто Бог ја создал жената! Што му фалело на Адам во рајот? Имал живот, бил господар и пријател на животните и на растенијата, на водите и на земјата, дишел воздух и бил на топло. И што ако бил сам, што ако бил прв и единствен кога не му било досадно ни мачно? Не бил ни женско ни машко, бил Адам, бил среќен и му било убаво. Откако постанала жената, тој станал маж, получовек. Од цел се свел на половина, со потреба од друго човечко суштество, и тоа женско, апсолутно различно. Што не си направил Бог и за себе женска половина, па да види како е? Од себе да извадел жена, а тој да станал машки Бог, па да не е Тројца туку шестмина? Отец, Син, Свети Дух, мајка, ќерка и света душа? Е, ама не сакал таква работа, туку направил душите на луѓето да имаат и машки и женски дел, па да не може да се роди ни убаво да живее ниеден човек без двајца родители, и едниот го нарекол татко, другиот мајка. Не велам дека животот со машко-женското двојство не е подинамичен од Адамовиот во рајот, не. Далеку од тоа, ама што ќе му е? Од мир и хармонија да создаде претходно непостоечка потреба и да произведе со тоа немир и хаос што треба да се надминува? Па уште не ја создал од прва Марија, туку Ева, лоша жена која лесно се лаже и има амбиција да му е рамна. На Бога? И бидејќи не може сама, и самата половична, го повлекла и Адама преполовениот. „Ај ќе си каснеме од ова Адаме, добро е, види го што е убаво, и ќе бидеме како Бог. Така ми кажа змијата.“ Е, овде Бог ми е нејасен. Го преполовил Адама, ама не му ја иставил, му ја оставил љубовта, па овој од што бил заљубен во Ева − изел што не треба. И после што? Марш од рајот, марш да ве нема, ај да се мачите, да бидете плодни и да се множите, и да работите и да се потите, и да боледувате и да умирате, и меѓу себе да се убивате и ако сте добри и послушни и здраво се намачите − може ќе се вратите. Каде? Па во рајот, таму кај што беше Адам и ништо не му фалеше. И таму веќе нема да се жените и да се мажите, сите ќе сте како Адам пред падот, совршени. Ни мажи ни жени, а повеќе од маж и жена. Ем ќе сте возрасни, а ќе бидете како деца. Убавина.

Најискрено и најсериозно ви кажувам, верувам дека Господ е поет, голем уметник, и сликар и музичар, и сѐ во едно, и му било потребно да си направи нешто што претходно не знаел баш како ќе испадне, си правел да му е„интересно“ и еве го... до ден-денес синергира и интервенира во милијарди ситуации обидувајќи се да си ја поправи грешката. А така настануваат најубавите уметнички дела, од прикривањето и покривањето на несовршеното среде совршеноста. Така се создава ново совршенство.

Второ... Нели најстарото прашање е што е прво? Кокошката или јајцето? Е па, погрешно е поставено. Го пренебрегнува постоењето на петелот без кој јајцето би било шупливо. Значи, кој е прв? Петелот и кокошката или јајцето? Вака е веќе подобро. Научно и историски е невозможно да се даде вистинит одговор. Теолошки? Да се обидеме. Кога Адам живеел во рајот им бил господар на животните и им давал имиња. Дали бил господар и кум на животни што се размножуваат или на бесполови животни? Оти самиот тој не бил ни маж ни жена, бил Адам, првиот човек... цел човек. Адам не бил тој или таа, не бил ни двополов хермафродит, бил бесполово битие. Откако Бог ја создал Ева, таа е извадена од таквиот Адам и е тело од неговото тело, а тој тогаш станува маж, односно получовек кој има и своја втора половина, жена, исто полужена. Од цел човек се создадени двајца полулуѓе, мажот и жената. Од оваа перспектива, ако состојбата со животните била иста како со првиот човек, тогаш имало кокошка во рајот, кој/која (ни тој ни таа, а и тој и таа) бил/била едно и се поделил/поделила на петел (машка кокошка) и на кокошка (женска кокошка). Во таа смисла, поаѓајќи од оваа хипотеза, прва е бесполовата кокошка, па петелот и кокошката, па женката почнала да несе јајца и од нив се раѓале пилиња кои кога ќе пораснеле станувале петли и кокошки. А од луѓе се раѓаат деца, машки или женски. Дури се мали, тие потсетуваат на цел човек, а како растат ги добиваат физичките и душевните карактеристики одредени од полот. Од бебиња стануваат момчиња и девојчиња и најпосле, жени и мажи.

Значи прашањето е дали само Адам бил сам/сама во рајот, без пар, или и сите животни биле самички и единствени претставници на својот вид. Не знам. Уште поинтересно е зошто во животинскиот свет постојат и двополови битија, а и такви кои се размножуваат без пар, како морските ѕвезди, на пример.
Овие работи, иако личат на шега, може да се сфатат и сериозно. Во секој случај, интересни се за „муабет“, а „муабетот“ изворно е арапски збор кој означува комуникација меѓу луѓе и во која има и љубов, односно мешање на душите. Затоа е битно оние кои се сакаат да имаат и „муабет“, не само да разговараат. Разговорот е многу постуден збор.

На нашиве простори има еден убав благослов на свадбите: „И да имате муабет“. Оти брак без „муабет“ е... катастрофа. Мажот и жената ќе си останат ограничени полулуѓе и никогаш нема да стане човек од нив.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано