Општество

Платон
− За државата −

Целокупната историја на западната рационалистичка филозофија се испишува на маргините на Платоновата филозофија. Платоновата политичка теорија, позната уште како Утопистичко учење за државата, и денес е присутна во низа современи политички теории и доктрини во кои политиколози и теоретичари на моралот се навраќаат на суштината на учењето за државата, нејзиното место и улога во современото живеење.
Платон е роден Атињанец (427 г. пр. н. е.), потекнува од старо аристократско семејство − по татко му Аристон е од родот на последниот атички крал Кодрос, а по мајка му Периктиона од родот на Солон − и како аристократ имал можност за широко образование и воспитание. Учел кај повеќе учители, мислители, но Сократ е неговиот најомилен и најзначаен. По смртта на учителот кој е осуден токму од демократските сили на Собранието на Атина, Платон ќе застане на страната на аристократијата, а против демократијата и во делата Држава и Закони ќе ја образложи Утопистичката теорија за идеалната држава.
Платоновата теорија за државата е тесно поврзана со неговата етика. За Платон организираното општество е „природна“ средина каде што граѓанинот вежба и практикува добродетели и вредности за негување на душата како убаво, добро, вистина, кои се сублимираат во праведноста, а оној кој е извежбан во справедливоста и во праведноста истовремено е и убав, и добар, и се стреми кон вистината. Тоа е првиот аспект. Замислата за идеалната држава Платон ја дели на три дела според деловите на човечката душа. Секој дел од душата: 1. разумниот, 2. волевиот (срцев) и 3. страсниот, одговара на трите класи или слоја во општеството кои раководат со државата според нивните природни предиспозиции, припадност, развиени добродетели, способности и знаење. Во делото Држава ги дефинира улогите, местото и задачите на трите слоја, а за тоа бара поткрепа во хеленската традиција и митологија, поточно во еден древен феникиски мит. Според митот, сите луѓе се сродни, но меѓу себе се разликуваат според способностите. Едни се од златен род и најспособни да владеат, други се од сребро и способни да ја бранат државата и да војуваат, а трети се од железен род и бронза и оттука највешти во изработка на занаетчиски прозиводи, но и во преработка на земја и производство на храна. Секој слој/сталеж е обдарен и се истакнува со една вредност која е главна и го карактеризира, а на која ѝ одговараат трите дела на душата. Припадниците на златниот род ги краси вредноста мудрост (софија), тоа е разумниот дел во душата, поради што и им е дадено да ја раководат заедницата кон сеопшта среќа – филозофите. Сребрениот род е обдарен со храброст, тоа е волевиот или срцевиот дел од душата, и имаат цел да војуваат и да го бранат полисот од непријатели, додека третиот слој, на кој му одговара страсниот дел од душата, е сталеж обдарен со способности за изработка на предмети и производство на храна. Откога ќе ја постави главната идеја за државата во паралела со структурата на душата, Платон во третата книга од делото Држава се задржува на значењето на воспитанието и на образованието на членовите на една заедница. Па така „производството“ на деца, смета Платон, е исклучиво работа на државата. Веднаш по раѓањето, тие ѝ припаѓаат на државата. Телесно и умно развиените граѓани треба да раѓаат повеќе од другите, а воспитанието на децата се однесува само на златниот род, другите два пониски сталежи не се подложни на воспитание и на образование. Па така, до 3-тата година децата се негуваат телесно, од 3-тата до 6-тата се одвива моралното воспитание при што им се раскажуваат хеленските традиционални митови. Од 7-та до 9-тата год. вежбаат гимнастика, а од 11-тата до 13-тата учат да читаат и да пишуваат. Од 14-тата до 16-тата учат поезија и музика, а од 16-тата до 18-тата учат математика. Од 18-тата до 20-тата учат војнички вештини и вежби за потоа во 20-тата година да се одберат оние момчиња кои се способни за војничка вештина, како и оние кои се способни за раководење. Последниве, припадниците на златниот род, кои ги краси умноста и разумноста, продолжуваат со образование и со стекнување на знаење и од други области сè до 30-тата година кога и се подготвени да го преземат раководењето на една држава, полис. Кои се облиците на државното уредување? Како што нагласува Платон, луѓето според своите природни способности не се исти. Едни се во состојба да ја негуваат душата до совршенство, а тоа се умните и разумните од златниот род, други ја немаат таа способност. Сепак, не се исклучува можноста последниве да дојдат на власт и според тоа да влијаат на промените на устројството на една држава. Според тоа, Платон наведува пет типа на луѓе и на уредувања зависно од нивната душевна состојба: 1. аристократи, 2. тимократи, 3. олигарси, 4. демократи и 5. тирани. Тимократијата (стр. гр. time – чест, почест) е владеење кога во државата личните интереси ќе започнат да се мешаат во трите рода, па така ќе се измешаат златниот со сребрениот или златниот со железниот или сребрениот со железниот род, што само по себе е веќе причина за неслога и за пропаст на една држава, полис. Тимократскиот човек може да ја почитува филозофијата, но не и да ја разбира и според тоа лесно може да потпадне под влијание на страстите кои не се морални и водат кон пропаст на душата. Војната меѓу овие слоеви за власт го отвора патот кон демократија или владеење на демосот (народот) кој е сиромашен. „Таквото владеење претставува владеење на разноликото шаренило од ликови и до лажна еднаквост меѓу нееднаквите. Едни ќе си подметнуваат на други, ќе настане беспоштедна борба на сите против сите, а образованието ќе изгуби вредност среде општата анархија.“ (Витомир Митевски, Матица Македонска, Скопје, 2007).

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано