Финансии / Банкарство

Петрова: Континуирано тече исплатата на парите за поврат на ДДВ за компаниите

28.02.2025

Исплатата на платите од почетокот на годинава оди вообичаено и нема некое отстапување во генералните тенденции колкава е навременоста на поднесувањето на пресметките за плата и навремената исплата на бруто платата, како и колкава е тенденцијата на задоцнетата исплата на бруто плата, посочи директорката на Управата за јавни приходи (УЈП0 Елена Петрова на средбата со новинарите.

Оцени дека во првите два месеци од годинава има нешто подобра наплата кај сите даноци во споредба со истиот период од 2024 година, а особено кај данокот на личен доход за кој главна компонента е данокот на плати што се плаќа при исплата на плати.

- Идеален и теоретски случај е наплатата на приходите да биде рамномерна по 8,33 отсто на месечно ниво, но секој месец си има одредени сезонски карактеристики и тенденции во наплатата на приходите. Остануваат уште два работни дена за да ги сумираме резултатите и за месец февруари и да видиме какво ќе е остварувањето на динамиката што ја поставуваме согласно историските тенденции. Засега можам да кажам дека споредбено со јануари и февруари минатата година имаме нешто подобра наплата кај сите даноци и сите ставки кои претставуваат данок на личен доход. Имаме нешто помала наплата од 2024 година за две ставки – данокот на доход на добивки од игри на среќа и кај данокот на доход од исплата на дивиденди, што веројатно се должи на некакви тенденции на однесување на даночните обврзници, рече Петрова.

Нагласи дека не станува збор за значителни разлики при наплатата на тие две последни ставки и додаде дека треба да се почека, бидејќи има уште два дена до крајот на месецов за да се видат резултатите.

Исплатата на парите од услугата МојДДВ и за поврат на ДДВ за компаниите тече континуирано, изјави Петрова.

Нагласи дека прво треба да заврши обработката на кварталните даночните пријави кои се поднесени до 25 јануари по што почнува исплатата на средствата од МојДДВ.

За исплата на средства за МојДДВ, како што посочи, за изминатиот квартал се предвидени 870 милиони денари.

И за повратот на ДДВ за компаниите, директорката Петрова рече дека се реализира континуирано.

- Средствата за поврат на ДДВ се исплаќаат континуирано. Побарувањата за поврат на ДДВ, УЈП ги разгледува малку потемелно и прави подлабински контроли. Во моментов кога дојдов на оваа функција наследивме и неодобрени побарувања, но и одобрени, а не исплатени. Тие се ставени на препроверка, меѓутоа самите бројки покажуваат дека во континуитет се реализира повратот на ДДВ, оцени Петрова.

Нагласи дека повратот на ДДВ е динамична материја.

- До 25 февруари се поднесени нови даночни пријави што значи дека има и нови барања за поврат на ДДВ. До крајот на месецов, што значи до утре, како и до 15 март е законскиот рок да поднесуваат исправки на даночни пријави за 2024 година за друга група на корисници што значи дека и тука ќе настана промени – некои побарувања ќе бидат повлечени или намалени, ќе дојдат нови побарувања. Тоа е динамична материја, појасни Петрова.

За истрагата за поврат на ДДВ за „фантомските фирми“ посочи дека УЈП ги заврши инспекциските контроли.

- Записниците од контролите кај тие 10-тина компании се доставени до истражните органи, до Управата за финансиска полиција и до Јавното обвинителство. Вкупната сума на утврден непријавен и помалку платен данок во овие контроли изнесува околу четири милијарди денари, прецизира Петрова.

За повратот на ДДВ заостанат од претходната влада, рече дека се расчистува тековно освен за некои случаи за кои, додаде, можеби не се завршени контролите. 


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано