Општество
ИЗВРШИТЕЛИТЕ ЛАНИ НАПЛАТИЛЕ 160 МИЛИОНИ ЕВРА, најбројни наплати се за комунални долгови
27.02.2025
Анализата на Комората на извршители покажува дека во 2024 годинава примени се вкупно 167 112 барања за извршување. Во оваа извештајна година извршителите завршиле 73 795 предмети, а процентот на реализација изнесува 44,15 отсто. Минатата година извршителите наплатиле 160 637 022 евра од граѓаните, фирмите и другите должници, а вкупно во изминатите 19 години наплатата изнесува 2 083 432 955 евра.
Според статистиката за 2024 година, извршителите се пренатрупани со комунални предмети, кои изнесуваат 50 отсто од вкупно примените барања за извршување. Потоа следуваат предметите за судски паушал, односно за неплатена такса за водење на судските прекршочни постапки за предмети со сума од 1000 до 2000 денари, а по нив и предметите од облигациони односи меѓу граѓаните, меѓу правните лица и останатите чинители во државата, вклучително и државата каде што се јавува како доверител.
Според претседателката на Комората на извршители на Република Северна Македонија, Весна Деловска, бројот на барањата за извршување се зголемил за 10 илјади предмети откако Уставниот суд го укина застарувањето како можност за ненаплата на долговите.
- Како поминува времето, така граѓаните стануваат свесни, знаат што е процесот на извршување и ги нема проблемите од порано. Со гордост би рекла дека граѓаните на нашава држава стануваат финансиски свесни, послушни и совесни во исполнување на своите обврски, вели Деловска.
Во врска со поплаките од граѓаните дека им се наплатува неразумно многу, Деловска појаснува дека сумите за извршните трошоци на извршителите не само што не се високи, бидејќи покрај главниот долг, извршителот наплатува и извршни трошоци за адвокати, нотари, проценители, геодети, катастар, централен регистар и поштенски услуги.
Во вкупните трошоци на извршувањето во најголем дел учествуваат други трошоци, а не наградата на извршителот, што покажуваат и анализите на Дуинг бизнис дека иако 28,8 отсто од целото побарување му припаѓаат на извршувањето, сепак 16,7 отсто не се за извршителите, туку се за адвокатите.
Потпретседателот на Светската унија на извршители Јос Уитдехаг зборувајќи за улогата на извршителот во една постапка помеѓу доверителите и должниците, посочи дека најпрво треба да се разбере дека извршителот е дел од правосудниот систем во целина.
- Кога доверителот поднесува некое тужбено барање или кога ќе добие соодветна судска пресуда, односно решение, тоа не треба да служи само за морална сатисфакција на самиот доверител, туку тоа решение мора да биде извршено и тука доаѓа во игра самиот извршител кој треба да се грижи за правата на двете странки и на доверителот и на должникот. Во тоа пропорционално извршување треба да се направи рамнотежа, бидејќи од една страна се правата на доверителот за наплата на она што било долг, а од друга страна е благосостојбата на должниците, односно да не им се одземат средствата за нивна егзистенција, истакна Уитдехаг.
Координаторката на проектот МАТРА во чии рамки се одржува работилницата, Злата Михаилова, рече дека проектот во Северна Македонија, но и во земјите од Западен Балкан се спроведува веќе пет години со цел да се подобри перцепцијата за работата на извршителите, бидејќи за жал извршителската дејност ужива непопуларна перцепција во јавноста.
Извор/фото МИА