Општество
Богата и разновидна програма во месецот на Франкофонијата 2025, францускиот јазик не е само јазик на културата, тоа е јазик на иднината, на иновации, на претприемништо
26.02.2025
Со гала филмска вечер и премиера на филмот „Грофот од Монте Кристо“ на 7 март во Скопје ќе започне одбележувањето на овогодинешниот месец на Франкофонијата 2025. Програмата за март како месец на Франкофонијата е подготвена од Францускиот институт во Скопје во соработка со амбасадите на земји членки на Франкофонијата, со УКИМ и Филолошкиот факултет. Во соработка со Собранието на РСМ по трет пат ќе се одржи Младиот франкофонски парламент, а меѓу предвидените содржини е и Изложбата на француската колекција во МСУ.
Културната програма и другите активности за одбележување на Франфонијата кои што ќе се одвиваат во текот месец март и на почетокот на април 2025 година говореа амбасадорите на Франција Кристоф Ле Риголер, на Швајцарија Вероник Улман, на Романија Моника Аксинте и на Грција Софија Филипиду.
Амбасадорот Ле Риголер истакна дека Франкофонијата е заеднички јазичен простор, но и простор на вредности. Повеќе од 300 милиони луѓе во светот го говорат францускиот јазик. Но Франкофонијата како меѓународна организација не е само лингвистичка заедница, туку и политичка организација во која членуваат 93 држави и влади, а Северна Македонија од 2006 - та е една од земјите членки односно повеќе 20 години.
- Промовирањето на францускиот јазик е навистина главна алка во надворешната политика на Франција, затоа во светот имаме голем број на француски културни институти. Во земјава тој постои 50 години...Сакаме да ја истакнеме едукативната соработка, да ги охрабриме учениците да го изучуваат францускиот јазик како втор јазик. Затоа што францускиот јазик не е само јазик на културата, тоа е јазик на иднината, на иновации, на претприемништо. На тоа беше и ставен и акцентот на недоамнешниот Самит на Франкофонијата во Франција, минатиот октомври, рече амбасадорот.
Тој нагласи дека Франкофонијата особено става фокус и на заштита на нејзините вредности, како и на заштитата на човековите права.
- Франкофонијата е и збир на вредности, а не само јазик кој заеднички го споделуваме. Вредности за човековите права, правната држава културната разноликост. Во свет каде голем број чинители ги доведуваат во прашање вредности на кои почива нашиот свет и меѓународната сцена, важно е да постетиме дека имаме заеднички вредности, кои треба уште повеќе да ги унапредуваме, рече францускиот амбасдадор упатувајќи повик до властите во земјава да бидат уште поактивни во рамки на Меѓународната организација на Франкофонијата.
Швајцарската амбасадорка Вероник Улман посочи дека во нејзината држава францускиотт заедно со германскиот и италијанскиот јазик се трите официјални јазици кои ја симболизираат повеќејазичноста и културната разноликост и сите се третираат подеднакво. Таа најави дека во рамки на месецот на Франкофонијата тие ќе учествуваат во активностите со училиштата, а ќе биде прикажан и филмот „Куче на суд“ сатира за правата на животните, за домашните миленици.
Романската амбасадорка Моника Аксинте истакна дека Романија е шампион во однос на Франкофонијата .
- Многу сме горди што сме франкофони, иако францускиот не е официјален јазик во Романија. За нас Франкофонијта е синонимен на јазичната разноликост, отвореност кон светот, кон јазичното и културно богатство. Романија е навистина шампион во однос на Франкофија во регионот на централна и источна Европа, кажа Аксинте и се осврна на институционалните активности во нејзината земја во однос на Франкофонијата
Амбасадорката на Грција Софија Филипиду истакна дека тие учествуваат во активностите на месецот на Франкофонијата со особен ентузијазам. Избрале три текстови за кои учениците ќе се оценуваат во извонредност во читање од три грчки автори, а ќе биде прикажан и француско - грчкиот филм „Ривиера“ кој на 21 март ќе ја отвори Неделата на франкофонскиот филм во Кинотеката.
На настанот присуствуваа и се обратија претставници на земјите-членки на Франкофонијата кои даваат свој удел во програмата: почесната конзулка на Белгија, почесната козулка на Канада и првиот секретар во Амбасадата на Бугарија.
Извор/фото МИА