Општество

УБАВИОТ ЗБОР: ЗАБОРАВЕН ДАР

Сузана Камберова | Авторот е доктор по медицина

Една долга и темна ноќ, додека во градот Х на крајот од светот сите луѓе цврсто спиеле, од длабочините меѓу ѕвездите надолу се подала долга рака која држела една празна вреќа. Раката нечујно ги собрала во вреќата сите човечки дарби и добродетели, подарени со божја милост да им ја красат душата на луѓето. Во последно време, во градот Х владеела мрачна, речиси воинствена атмосфера. Изгледало како сите да си биле непријатели, првин еден на друг, а потоа и самите себеси. Меѓу членовите на фамилиите, меѓу соседи, пријатели и колеги, постојано избувнувале грди расправии. Омразата се ширела како пожар, следена од навреди и караници, па најпосле му здодеало и на самиот универзум да гледа и да слуша одозгора. Решил да интервенира и да ги казни овие збеснати граѓани, одземајќи им го сето она што им го правело животот убав и вреден за живеење − нивните добри особини.
И така, дури луѓето заспани ги сонувале своите идни проблеми и утрешни караници, долгата рака на мракот ги собрала во торба сите добри нешта кои им биле вдахнати со животната искра. Вреќата се преполнила со: сочувствителност, љубезност, чесност, пожртвуваност, сомилост, љубов, добрина, надеж, среќа и уште многу други нешта. Меѓутоа, додека раката ја кревала полната вреќа угоре кон ѕвездите, таа се отворила и случајно испаднало едно малечко, речиси незабележливо нешто, и паднало назад на Земјата.
Тоа била смеата.
Наредното утро, кога се разбудиле, луѓето не забележале ништо необично. Чудно им станало само на децата, гледајќи ги возрасните онака студени и намуртени, со празни очи. Возрасните, пак, не чувствувале никаква разлика. Продолжиле како автомати рамнодушно да ги извршуваат своите секојдневни задачи. Чувства им се јавувале само кога меѓусебно се расправале, но тоа биле чувства на лутина и на бес. Од навреди и од караници преминале на тепачки. Иако работите од ден на ден станувале сè полоши, луѓето сè уште не забележувале дека нешто им недостасува. Толку биле одвикнати од своите добри особини, што не биле ни свесни дека повеќе и ги немаат.
Како што минувале деновите, светот се променил на начин кој никој не можел да го објасни. Луѓето станале сериозни и рамнодушни, без разбирање за туѓата болка или радост. Насмевките исчезнале од улиците, а пријателствата и роднинските врски се претвориле во деловни договори, одмерени и без срце. За среќа, со децата било поинаку. Тие сè уште можеле да ја почувствуваат празнината зашто злото немало доволно време да им навлезе длабоко во срцата. И така, токму меѓу нив, она малечко нешто, кое испаднало од небеската торба, наишло на плодна почва, па почнало да расне и да се развива, тивко и незабележливо.
Еден ден група деца се собрале и почнале да си кажуваат глупави шеги – некаква искра во нив ги терала да се смеат и, иако не знаеле зошто, смеењето не запирало. Секоја нова шега им била уште посмешна од претходната. Наскоро се тркалале по земја од смеа и се држеле со раце за стомачињата. Минувачите ги гледале зачудено, но малку по малку на некои од нив им се јавило чудно чувство во градите, како заборавена топлина која ги тргала од ладната рамнодушност. Првин со отпор, а потоа сè полесно, и возрасните се приклучиле на оваа мала и весела група привлечени како од некоја светлина слична на сончевата која ги греела однатре. Еден старец прв се присетил на смешна случка од детството и почнал да ја раскажува пред другите. На почеток сите го слушале намуртено, невесели и молчеливи, но неизбежно неговите зборови почнале однатре да им ја скокоткаат дијафрагмата, таа се кренала и ги ослободила градите од каде што им излетале весели извици испрекинати со испресечен здив, ха-ха-ха.
Ха-ха-ха, се заорило насекаде. Штом еднаш некој ќе се насмеел, веќе не можел да продолжи да се мурти и да се лути. Но, душата, сепак, не се оттргнала лесно од оковот на зловолност, кој цврсто им го стегнал срцето во оклоп како на желка, иако со секој нов налет смеа се јавувала по една нова пукнатина на таа груба обвивка.
Децата, охрабрени од овој почетен успех, почнале секоја вечер да се собираат во центарот на градот и да раскажуваат сè посмешни и посмешни приказни. Кругот луѓе околу нив станувал сè поголем и повесел. Хуморот е доблест, малечка, незабележлива и многу ретка. Најретко се среќава од сите дарби. Сега, кога сите други исчезнале, останал сам и силата му пораснала голема. Сите одеднаш ја почувствувале неговата лековита природа. Од смеата срцата им станувале чисти како дијамант. Стара е мудрост дека злото не може да се насели, ниту корен да фати каде што се ори смеа. Кога смеата ќе навлезе во некого како најефикасен антибиотик ги уништува омразата, зависта и лутината. Лут човек не може да се смее ако не ја отпуштил и не ја заборавил лутината. Ако не простил. Насмевката е првиот разговор меѓу бебето и родителите. Зачеток на секоја љубов. Вљубените се смеат од самиот поглед на саканата личност. Смеата ги зближува луѓето. Потценето е оружје, кое и непријателот може да ви го претвори во сојузник. Кога луѓе се смеат заедно единствени се, силни, ги забораваат сите разлики кои ги делат.
Така во градот Х почнало да се случува нешто неочекувано и магично. Иако сè уште никој не разбирал што им се случило претходно, вечерните средби станале сè повеќе посетени. Сите чувствувале некоја необична потреба, речиси неподнослива глад во утробата која ги влечела навечер кон центарот на градот. А таму сите биле весели. Средбите прераснале во големи настани, па набрзо била поставена и бина со седишта за публиката. На бината, децата направиле театар и изведувале цели претстави, секогаш со хумористична содржина. Смеата се разлевала меѓу насобраните, градите им трепереле од неа, а стомачните мускули ги болеле од смеење. Лицата се ширеле во насмевки, од грлата се излевале гласни, испрекинати звуци и одекнувале низ темните улици на градот. Претставите траеле до доцна во ноќта. Наредното утро наместо да се расправаат и да се караат, сите зборувале за нив и за децата. Се прераскажувале најсмешните мигови, се повторувале шегите и смеата почнала малку по малку да одекнува во секоја канцеларија, фабрика, болница, па дури и во затворот и на гробиштата. Оние кои не успеале да дојдат на претстава можеле да ги слушнат прераскажани најсмешните делови за и тие да се изнасмеат. Па и кога не им било смешно, смеата на останатите, онака хорски засилена, била толку неподносливо заразна што и последните намуртенковци почнувале да се кикотат без причина, но и без престан.
Градот набрзо го зафатило некакво прекрасно, ведро и весело лудило, никогаш порано недоживеано. Постојано се измислувале нови шеги. Со шеги се обидувале да ги решаваат меѓусебните недоразбирања и некогашните кавги. Се натпреварувале кој ќе смисли најсмешна шега. По многу часа смеа на ден, во душите им никнувале новосоздадени доблести. Одново станале сочувствителни, добри, чувствувале среќа и љубов едни спрема други. Се јавила чудна и необична трансформација, заздравувачка и сосема неочекувана. Ефектот на хуморот бил неверојатен. Никогаш светот не видел поефикасно средство за лекување на срцето, на душата и на умот зафатени од огорченост, од лутина и од лошотија.
Иако по некое време се воспоставила нова рамнотежа во градот Х и старите добродетели пак станале дел од животот на луѓето, оние некогашни деца, кои израснале во тој најмрачен период од неговото постоење и на кои им успеало со смеа да ги спасат своите сограѓани, никогаш не ја заборавиле волшебната моќ на хуморот. Во спомен на овие чудни и неверојатни настани, тие изградиле една голема библиотека во која почесно место заземало творештвото кое било создадено со хумор и во негова чест го чувале како најголемо богатство, никогаш повторно да не се случи некоја непозната рака од темнината да посегне по него. Над вратата на влезот во овој храм на мудроста стојат и ден-денес испишани следниве зборови: „Смеата е сонце во душата.“.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано