Општество

За календарската и духовната возраст или ДЕТЕТО Е ТАТКО НА ЧОВЕКОТ

Тихомир Јанчовски | Авторот е писател

„Детето е татко на човекот“, e реченица на Фројд, а според него ништо не е случајно. Има многу работи во кои претерува, хер Зигмунд, но ова му е блиску до вистината. А може и да не е, како за кого.
Во животот човек минува низ неколку возрасти, од детство, преку младост и средовечност – до старост. Тоа е јасно самото по себе, нели, и не е голема мудрост да се согледа. Од ова поаѓам за да направам друга поента. Во животот, секој човек има една доминантна возраст, и тоа духовна, која е независна од календарските години. Како што и во спиењето има луѓе „нормални“ (од 12 до 7 или 8), спијачи до доцна (до 9 или 11), ранобудни (на нога со муграта) и ноќобдејачи (заспиваат в зори), така и во односот кон животот карактерот на човек може да му е детски, младешки, возрасен и старски.
Има луѓе-деца, некои кои никогаш не пораснуваат, си остануваат мали. И тоа може е двојно: може да се недозреани и секогаш друг да треба да се грижи за нив, но ако се остварени луѓе-деца, тие се секогаш свежи, љубопитни, полни со енергија и во потрага по нови работи. Ако си човек-дете, гледај да бидеш од вторите.
Има луѓе-млади, со желби и сила која може да оди во сите насоки. Неуморни, страствени и жестоки или љубовни и кротки, зависи на каде ќе отидат.
Има луѓе-возрасни, секогаш средовечни, што може да мислат на друг, не само на себе, и не сите стасуваат дотука, а на овие им е лесно оти се родени такви, не им треба еволуција.
Има и луѓе-старци кои кога биле деца ги викаат „стармали“, и тие се блиски до првите, до вечните деца. Оние кои пропаѓаат вечно се жалат на болести и имаат стравови од сѐ и сешто, а најмногу од смртта, и тоа преку целиот живот. А вистинските луѓе-старци се мудри од мали нозе, секогаш исполнети со длабок мир и побавни се од врсниците, си доаѓаат на свое дури кога ќе дочекаат и календарска старост, па се супер баби и дедовци.
Сега би требало да следува и малку самоанализа. Каде сум јас во сево ова? Дете ли сум, млад ли сум, средовечен или старец по карактер?
Видете, тешко е човек да зборува самиот за себе и да погоди, оние кои го знаат треба да кажат, тој самиот што и да рече ќе згреши оти спрема себе не може да се биде објективен. Јас лично, а и секој, можам да сакам да сум, и тука е горната граница. Сепак, ќе кажам што мислам, па кому иде.
Јас лично не сум во ниедна и сум во сите овие класификации на личноста.
И дете сум некогаш, правам што ќе ми текне без да мислам на последиците, и барам внимание, и сакам да си играм... до ден-денес. И дечко сум опасен, не дека сум учел за тоа, туку таков ми е умот и голем другар сум со луѓе на возраст од новороденче до 5/6 години, и сите такви ми зборуваат на „ти“. Бебињата не умеат да зборуваат, па ме гледаат на „ти“.
И млад сум сѐ уште, ме фаќа радост одненадеж и без причина, еве кога возам велосипед или одам по улица, ќе си се насмеам, онака... и желби имам и планови кројам во òд, па и ги менувам како ќе ми текне. А години 54, па види...
Не дека не сум и возрасен, мислам на себе и на блиските и на пријателите, и помагам колку можам, ама гледам да не е насила зашто глупост е да инсистирате некој да е како вас кога не е и не сака да биде.
Е, старецот во мене е најинтересен. Се дружам со стари луѓе од дете, ги сакам нивните муабети, дури и кога се повторуваат, и можам да им ја видам убавината на животот испишана на лицата, во брчките и во сјајот во очите. И размислувам за оној свет, отсекогаш...
Тој човек за кого зборувам никогаш не старее ниту се подмладува, вечно е ист, сиот живот.
Не некои им е дадено моето, на други различно, познавам секакви. И не се дружам само со на себе сличните зашто тоа води во самобендисаност. И со секој сум различен, нема двајца со кои имам ист однос. Ама јас сум оној истиот, кој е различен со сите.
Боже колку сакам вакви реченици, навидум збунуваат, ама многу кажуваат.
Тоа е сѐ за денес. Записот е завршен.
Поздравувам секого, било да е: дете, млад, стар или средовечен.

Со почит,
Тихомир

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано