Општество
БЕЗ ЗАКОНОДАВСТВО И ЕТИЧКИ СТАНДАРДИ ПОСТОИ РИЗИК ОД КОРИСТЕЊЕ НА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛЕГЕНЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА
10.02.2025
Вештачката интелигенција не е далечна, туку наша реалност. Земјава многу малку има направено на оваа тема. За разлика од нашите соседи, нашата држава се уште нема ниту регулатива, ниту законодавство, ниту етички стандарди за вештачка интелигенција. Ова се дел од заклучоците кои беа кажани на денашната дискусија „Дигитална трансформација и вештачка интелигенција - предизвици и можности“, во организација на Фондацијата Конрад Аденауер.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски истакна дека постои реален ризик од неконтролирана употреба на вештачка интелигенција без соодветна регулатива што може да доведе до сериозни последици вклучувајќи и загуба на работни места, предрасуди или дискриминирачки практики.
- Со жалење морам да констатирам дека во изминатиот период многу малку е направено на оваа тема. И покрај формирањето на работна група за Национална стратегија за вештачка интелигенција во 2021 година, досега е одржан само еден состанок. Ова е загрижувачки и укажува на потребата од итно динамизирање на овие процеси. За разлика од нашите соседи, нашата држава се уште нема ниту регулатива, ниту законодавство, ниту етички стандарди за вештачка интелигенција. Постои реален ризик од неконтролирана употреба на вештачка интелигенција без соодветна регулатива што може да доведе до сериозни последици вклучувајќи и загуба на работни места, предрасуди или дискриминирачки практики. Меѓутоа, оваа ситуација не треба да се сфати како причина за обесхрабрување, туку како повик за акција, рече тој.
Директорот на Здружението на новинари, Драган Секуловски истакна дека преку вештачката интелигенција одредени граѓани кои што имаат потешкотии во разбирањето без разлика дали е тоа нарушен вид или слух, овие апликации им ги прават подостапни информациите што се присутни на интернет.
- Како посредник на граѓаните од аспект на новинарската професија вештачката интелигенција има одредени предности, а тие предности со лимитираните часови што ги имаме ние како граѓани во еден ден, некогаш тоа разбирање на тие информации може да биде корисно. Ако зборуваме за етичките дилеми, постои црна слика, односно таа која не е толку позитивна, а тоа е дека претераното користење на овој тип на платформи и навлекувањето на истите кои очигледно создаваат одредена доза на зависност ја намалува критичната мисла, се губи контекстот и сите овие апликации функционираат поврзани со социјалните мрежи. Не секогаш овие платформи даваат исти податоци во зависност од тоа каде барате. Овие алатки некогаш можат да ја доведат до заблуда јавноста, а со тоа да настане одредена опасност, рече Сокуловски.
Даниел Браун, официјален претставник на фондацијата Конрад Аденауер, нагласи дека темата е многу опширна имајќи во предвид што се имаме по медиумите и што можеме да прочитаме во медиумите секој ден, која некогаш се сфаќа како закана а некогаш можност.
-Во Германија имаше една сторија дека вештачката интелигенција ќе замени илјадници работни места каде луѓето нема да бидат потребни. Но, од друга страна пак гледаат и можности за подобро да се завршуваат работите во државната администрација. Тоа е и шанса и предизвик во исто време. Уште сме во еден процес кој не може да ни даде конечен одговор на сите прашања во однос на тоа што може да направиме со ваквата технологија, но многу е важно да се дискутираат предизвиците на тие процеси, рече Браун.
Извор/фото МИА