Општество

И по Доналд, Доналд

Гордан Георгиев | Авторот е политиколог

Економија и бизнис | печатено издание | 15 февруари 2025г.

Сериозниот предизвик со кој се соочува глобализацијата, а по една друга линија и либералната демократија, ќе кулминира во 2025 година. Веќе кулминира под силното погонско гориво наречено извршни наредби на претседателот Доналд Трамп само во првата недела од неговиот втор мандат. Веројатно 2025 година ќе биде година на ново репозиционирање на глобалната политика. Веќе ги насетуваме тектонските промени, но ова е само почеток чиј крај не можеме когнитивно да го дофатиме. Моќната олигархија која се собра околу Доналд Трамп е нов момент во американската политика. И тоа е момент кој ќе трае. Она што го направи Путин на почетокот на своето владеење, собирајќи ги сите лојални олигарси околу себе, сега Трамп го реплицира во демократска Америка. Путин е сепак некаков „локален“ тип. Трамп не е. Кога најбогатите луѓе ќе се здружат со најмоќниот човек на планетата, можеме да очекуваме револуционерни потреси. Овие потреси за прв пат ќе се одигруваат на „непознат“ терен: вештачка интелигенција и дигитална револуција. Можностите кои ги нуди вештачката интелигенција се неограничени и во нивниот опсег и во количината на профит која можат да ја генерираат. Но, и во можноста и во начинот за контрола и за навигација на нашите животи. Првата жртва на тие потреси ќе биде демократијата, особено онаа либералната. Веќе е. Втората жртва ќе биде мултилатералата, веќе е. Обединетите нации, особено Советот за безбедност, се „суспендирани“ на неодредено време. ОН ќе остане да биде голем донатор и координатор на хуманитарна и на друга помош, но изворната улога на ОН е веќе суспендирана. А тоа е да биде некој тип на светски координатор, олеснувач и форум во кој најмоќните се договараат и превенираат големи светски потреси. Примерот на Трамп ќе го следат и другите, од најдемократските до најавторитарните режими. А тој пример е дека секој со секого може да се договара за сè и сешто и дека интересите на една држава се поважни од интересите за светски мир, за глобално затоплување, за демократско устројство на државите итн.

Реалниот страв е дека овој огромен ентузијазам на финансиската и на бизнис-олигархијата се наоѓа пред нова крстосница: да продолжиме да собираме огромни профити со ризик кајмакот да биде толку дебел и мрсен на сметка на млекото или свесно да влеземе во „распределба“ на профитот кон пониските слоеви. Ваква распределба не можат да ја направат големите профитери, едноставно во нивниот инстинкт е повеќе и повеќе профит, секој ден, секој час, секоја капка да биде исцедена. Тоа го може само државата како најголем регулатор. Но, профитот и државата сега се едно или инклинираат кон единство. Дури и краткорочно ваквата симбиоза да донесе некакви сериозни позитивни поместувања, прашање е како ова ќе се одрази на големиот број отпадници од системот: сиромашните, оние кои нема да се снајдат на новиот пазар на труд или оние кои се социјално маргинализирани од различни причини.

Новото доаѓање на Доналд Трамп е голем потрес во светот. Не затоа што Трамп е таков каков што е (тешко допадлив, морално и карактерно дубиозен), туку затоа што политиките кои ги нуди новата американска администрација се де факто револуционерни или ако милувате контрареволуционерни сеедно. Даноците и царините, односот кон мигрантите, симплифицираното гледање на глобалната политика и пристапот „Америка на прво место“ се дел од таа револуција.

(фото: https://www.npr.org/) 

Постојат сериозни гласови и авторитети кои ќе бидат дел од новата администрација на Трамп, кои го споредуваат Трамп со претседателот Џејмс Монро, авторот на Монро доктрината. Поедноставено, доктрината на Монро, развивана кон средината на 19 век вели: правете што сакате со светот, само не ја чепкајте Западната хемисфера, таа е наша, американска. И навистина, дубиозите за Панамскиот Канал, агресивниот однос спрема Канада, „договорот“ за Гренланд и враќање на мигрантите од САД во јужноамериканските држави − се теми кои се однесуваат на Западната хемисфера и кои на САД би требале да ѝ гарантираат безбедност и економски просперитет дома. САД не влезе да војува во Првата светска војна, остана изолиран остров и заработи од тоа во смисла дека немаше жртви и се развиваше економски. САД едвај влезе во Втората светска војна и заработи од тоа, ја поклопи Европа безбедносно и финансиски.

Денес светот не е поделен на геополитички хемисфери. Напротив, многу е испреплетен. Оваа густа плетка, на пример, се гледа и преку примери како Панамскиот Канал (копан од Американци, но денес користен од Кинезите) и Тајван (кинеска територија безбедносно покриена од САД). Прашање е колку има смисла да се зборува за хемисфери во вака длабоко интегриран и глобализиран свет. Но, и тоа не го знаеме бидејќи Трамп не се шегува. Дали Трамп може воено, покрај економски, да интервенира во Панама? Да, може, тоа е неговата доктрина. Дали тоа ќе смени нешто? Да, ќе смени многу, не само геополитички туку и како нова серија на преседани која ќе биде инаугурирана и на која ќе може да се повикаат сите, т. е. оние кои имаат сила и ресурси.

Доналд Трамп почна силовито. И гласовито. Овој пат сите го сфаќаат сериозно. Опкружен со тврди лојалисти, јасно назначува дека стручноста и искуството не се првиот квалификациски критериум. Лојалноста е. Ова не е ново. Политичките системи базирани на силен лидер редовно ја имаат ваквата матрица. Најчесто тоа се недемократските системи, но и демократиите знаеле да кокетираат, но и да се справат со силни лидери. Денес тоа се случува во најголемата и најважната демократија во светот. Онаа од која учевме, која ни беше инспирација и модел и за нашето поведение. Многу држави се шокирани од начинот на спроведување на политиките на Трамп и во грч ги чекаат најавите за новиот светски поредок. Оние, пак, недовршени демократии, со восклик го поздравија неговото доаѓање. Зошто? Не е ли Трамп закана за либералниот поредок? Двата збора кои Трамп речиси никогаш не ги употребува во своите јавни настапи се: демократија и слобода. Либералната демократија, во чија основа се содржани владеење на мнозинството со силни уставни гаранции за слободата и широка лепеза на интервенции кои ги акомодираат малцинствата, се чини дека не е веќе валута со употребна вредност. Америка прво, па потоа останатите. Кои се останатите? Оние кои ќе се приклонат кон американската визија за светот и оние кои ќе се вклопат во таквиот нов поредок. А редот е неочекувано голем. Граѓаните во многу држави се воодушевени од Доналд Трамп. Воодушевени се десничарите, притаено фасцинирани се левичарите, уплашени се само либералите.

Од каде доаѓаат ваквото воодушевување и ваквата фасцинација? Главната изворишна точка е бесот и разочарувањето од перјаниците на либералната демократија низ светот. Демократите во САД, мејнстрим десницата и особено левицата низ Европа темелно разочараа на многу полиња, но најмногу на полето на етиката. Едноставно, компромисите, коруптивните аранжмани и пристапот „не ме гледај што правам, туку гледај ме што зборувам“ на многумина им оставија впечаток дека глобалниот мир и глобалниот порив за човекови права и слободи во голем дел биле мимикрија и куклен театар. Да, уплашени сме и вознемирени за иднината, но и бесни спрема „менторите“. Во меѓувреме, научивме да станеме и прагматични. Затоа, во недостаток на стратегија и на визија, одлучуваме со пуканки пред телевизор да го дочекаме новиот светски поредок. Стариот го запознавме, ни се распарчи како меур од сапуница. Најмалку по наша вина.

ПРЕПОРАЧАНО