Општество
Генералниот штрајк ја разбуди Србија
Ивор Мицковски | Авторот е политиколог
Економија и бизнис | печатено издание | 15 февруари 2025г..
Студентите повикаа, а граѓаните масовно одговорија. Дента кога го пишувам овој текст Србите излегоа на генерален штрајк и демонстрираа општа граѓанска непослушност. Се разбира, станува збор само за првиот чекор, но и нешто што наликува на почеток на крајот за режимот на Вучиќ, без разлика и колку тој крај денеска да ни изгледа далечен.
Во изминативе два месеци студентски протести пречесто се слушаше дека, освен студентите и образованието, нема други општествени групи кои вршат притисок врз власта. На ова се гледаше како на потенцијален проблем за конечниот исход на студентскиот бунт, но мислам дека генералниот штрајк покажа дека општествената и професионалната мобилизација се многу поголеми од тоа што се замислуваше или малициозно се коментираше. На повикот за генерален штрајк одговорија и бројни приватни работодавци, мали бизнисмени, луѓето од ИТ-секторот, поштата, вработените во културата, глумците, кината, адвокатите, невладиниот сектор и бројни медиуми.
Изгледа дека сè поголем дел од општеството се приклучува на овие протести, дека сè повеќе луѓе собираат храброст и сакаат актуелниот режим во Србија да заврши. Се разбира, тоа нема да биде ниту брзо ниту лесно, особено поради репресивниот и тврдоглав однос на властите. Но, како што реков, нештата заличуваат на почеток на крајот.
Власта, од друга страна, нема намера да попушти и сè повеќе прибегнува кон закани и радикализација на ситуацијата. Режимските таблоиди се во хистеричен режим на оперирање и постојано зборуваат за опасност од странски заговори и обоена револуција, а истото ова може да се каже и за активистите и за функционерите на владејачката партија. Како што добро знаеме и ние од нашето македонско искуство, власта спроведува тотална идентификација на државата и на режимот во надеж дека тоа ќе ги стиши протестите или ќе ги сплоти граѓаните со власта. Тоа што е важно е дека Вучиќ и власта немаат никаква намера да ги исполнат барањата на студентите, да ја обелоденат документацијата за падот на натстрешницата или да ги отфрлат обвиненијата против приведените и уапсените од протестите.
Како често видено сценарио, власта покрај институционалните закани и партиското насилство се зафати со добро познатите „контрапротести“, „влечења луѓе за уши“ и делењето сендвичи за присуство на своите поддржувачи. Вучиќ кој веќе го подигна нивото на хистерија со изјави од типот: „Повикуваат на оружје“, „Никогаш во Србија не се живеело подобро, па имаат многу причини за да ме убијат“, сега од контрапротестот во Јагодина изјави дека Србија е нападната и однадвор и однатре. И покрај обидите на власта да изгледа релаксирано и „работно“, видлива е паранојата преку сè почестите наративи дека „усташки“ платеници, антисрпски и западни сили или ЦИА се обидуваат да извршат шарена револуција во Србија.
Вучиќ и пред неколку месеци ги инволвираше Македонија и Шарената револуција во приказната и тогаш напишав дека „Вучиќ со право кажува дека во Србија такво нешто нема да се случи затоа што за тоа не постојат никакви предуслови“. Со други зборови, Вучиќ си бара непријатели кои најверојатно во Србија не ни постојат и ја заплашува јавноста со сценарија, со газди и со спонзори кои, дури и да постојат и да сакаат, не можат да изведат нешто такво во Србија како што се изведе во Македонија. Најмалку од кој било друг, такво нешто би можела да изведе српската опозиција. Но, тоа не значи дека Вучиќ не може да создава привид, да заплашува или да се заканува од нешто што е комплетно нереално затоа што и самиот одлично знае дека во српските владејачки кругови единственото нешто со кое не смее да се заканува и за кое треба да остане траен гарант е дека во Србија нема да се случи некаков си нов 5 октомври. Плаши го народот со туѓи сценарија за да заборави на сопствените сценарија.
Затоа, што и да се случи, во Србија ќе се случи српско сценарио. Една од клучните разлики со македонското сценарио, покрај тоа што кај нас постоеше огромно малцинство, веќе структурирана опозиција и раскараност на власта со Западот, е што студентските протести во Македонија беа последниот чин на една веќе разгорена политичка ситуација. Во Србија гледаме дека студентите се иницијалната каписла, првата и најверојатно и последната надеж и реакција која ќе ја запечати судбината на режимот на Вучиќ.
Студентите во овој момент се српската опозиција, синдикат, граѓански револт, движење против корупцијата и трагедиите како 15-те жртви од падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година. Затоа и сметам дека Генералниот штрајк беше успешен, не во смисла на автентичен генерален штрајк кој тотално парализира една држава колку од аспект на масовноста, на солидарноста и на нивото на предупредување кое му беше упатено на режимот. Успешен беше особено поради фактот што се оствари во услови и во земја без традиција на силно синдикално движење и во моментов без структурирана опозиција. Што и да се случува во иднина, дали ќе се создаде некоја нова и кредибилна опозиција која би можела да настапи на избори во променети услови и без наместен изборен процес, студентското движење сè повеќе наликува на сенароден бунт способен да го растресе режимот од неговите сигурности и од системот на сила кој го спроведува.
Главниот квалитет на студентското движење е што ги соголуваат коруптивноста, негрижата, нестручноста и неспособноста на режимот и на неговите луѓе. Дополнително го разголуваат затоа што го приморуваат режимот самиот да си суди за злоделата, самиот да се реформира, самиот да се разголи колку е тоталитарен, а еден сличен режим не може да се реформира, да си суди, да се разголи затоа што кога би се реформирал тогаш би се распаднал однатре. Тoa значи дека тензиите, судирот и бесот, поради неспособноста на режимот нешто да промени, само ќе растат.
Од тој аспект, студентите се двигатели на една политичка и културна револуција. Тие ја враќаат надежта за промени кај граѓаните. И ако поддршката на другите општествени категории продолжи и се засили, тогаш ќе мора да се промени и општеството и ќе мора да се смени и политиката, што следствено значи дека ќе мора да се промени и власта.
Студентите се самоорганизирани и не дозволуваат влез на политичките партии, додека бунтот е децентрализиран и без јасни лидери, што само им ја прави потешка работата на властите бидејќи немаат кого засебно да го оцрнат или да го затворат. Бунтот на младите денеска претендира возвишени цели − правда, слобода, рамноправност, нормализација на општествените односи, политички реформи и политичка одговорност. Тоа го прават интелигентно, инвентивно и имагинативно, а режимот нема никаков одговор на младешкиот пркос и постојано влегува од грешка во грешка. Студентите буквално ги ослободуваат од страв останатите општествени групи и протестот го претвораат во сенароден бунт.
Оваа енергија е клучна за промени, но илузорно е да мислиме дека студентите сами по себе ќе го променат режимот. Ќе мора да се вклучат сите, да се создаде нова опозиција која ќе изнуди институционални промени и реформи и ќе подготви обединувачка програма додека со западна помош ќе издејстуваат предуслови за фер и за демократски избори.
Тие техникалии ќе бидат тешки за изведување, тоа ќе биде бавен процес, но многу поважно е што се менуваат перцепциите и што изгледа дека огромен дел од народот има раскрстено со режимот. Да се разбереме, еден режим или власт можат уште долго да владејат и без поддршка од граѓаните или од народот, но тоа сепак кажува дека почетокот на крајот е започнат и дека на власта ѝ се избројани деновите. Власта само ќе ја губи својата смиреност и ќе запаѓа во сè поголема параноја и во грешки, додека младите и општеството, ако продолжат вака, не можат ништо да изгубат освен да се ослободат од своите окови. Фактите се неумоливи, ова што се случува се шири и расте, луѓе почнаа да излегуваат и во малите места, а тоа е прв знак на отсуство од страв. Мандатот на Вучиќ по 12 години изглледа завршен, па и еден Милошевиќ владееше 10 години.
Вучиќ од малата Јагодина најави „народно движење за иднината на Србија“, но граѓаните од големиот Белград и од цела Србија му порачаа дека ниту народот ниту иднината повеќе не се − и не можат да се градат − со него.