Општество

Секое второ семејство во Берово селективно одложува отпад преку Вендинг машини!

08.02.2025г

Берово е лидер во рециклирањето меѓу општините

За вистински да покажеш дека го сакаш местото каде што живееш, потребно е секојдневно да се грижиш за него, бидејќи тоа е твојот дом. Токму таков пример оставаат беровчани, кои одговорно ја одржуваат и чуваат својата Општина убава и чиста, гордеејќи се со зелената природа и убавините кои таа ги поседува. Дека еколошката свест во Општина Берово е на многу високо ниво зборуваат и податоците за селектирање и рециклирање на отпад, кои покажуваат дека Берово е постојано помеѓу трите најзелени општини во земјата. Но, како им успева тоа?

Понекогаш, љубовта кон местото кое го нарекуваме „дом" е доволна да не' натера да се грижиме не само за физичкиот објект во кој живееме, туку и за животната средина и целата заедница која го опкружува. Во сите останати случаи, работата може да се „подгурне" со мала мотивација. А токму овој метод се покажа како успешен во Берово, каде што градоначалникот и граѓаните работат рака под рака за да ја направат Општината нивна гордост.

Доказ за позитивната еколошка работа која се случува во овој град се и признанијата за НајЕко општина во земјата од страна на Пакомак и Балкан Еко институт – награда која Општина Берово ја доби веќе неколкупати, поставувајќи исклучително завидни годишни резултати. За нивните навистина одлични резултати, Пакомак ги награди со збогатување на инфраструктурата и донација на детски игралишта – што е потврда дека некој го забележува нивниот труд.

Граѓаните на Берово ја имаат можноста и да го одложуваат амбалажниот отпад во две повратни вендинг машини поставени од Пакомак, а нивниот градоначалник Звонко Пекевски за да ги мотивира да го прават тоа постојано, за нив обезбеди дополнителна вредност од системот на награди и тие добиваат повеќе поени за отпадот кој ќе го одложат. Ваквите иницијативи создадоа услови за подигање на и онака високата еколошка свест во овој релативно мал град, чија заедница навистина може да биде горда од она што го постигнува.

Според податоците обезбедени од Пакомак преку нивната мрежа на повратни вендинг машини, Општина Берово котира највисоко меѓу општините според процентот на граѓани кои ја инсталирале апликацијата ЕкоМак, преку која се користат придобивките од машините и се добиваат наградни поени. Заклучно со крајот на минатата година, повеќе од половина од населението во Берово активно ја употребувале апликацијата ЕкоМак и го одложувале отпадот во повратните вендинг машини преку кои биле собрани 425.000 парчиња шишиња и лименки. Што ни кажува највисок просек во земјава, и највисока еко свест за селектирање и одложување на отпадот, и грижа отпадот да заврши на вистинското место.

Всушност, Берово и отсекогаш важело за еколошки свесна општина. Со своите пространи шуми, изобилство на зеленило и повеќе водни површини, таа претставува вистински природен рај во Источна Македонија. А нејзините граѓани покажуваат дека знаат да го ценаат она кое го добиле од природата.

ПРЕПОРАЧАНО