Финансии / Банкарство
ФИНТЕК КРЕДИТИТЕ ПРИДОНЕСУВААТ ЗА РАЗВОЈОТ НА МАЛИТЕ БИЗНИСИ И НАЦИОНАЛНАТА ЕКОНОМИЈА, посочуваат од Групацијата на небанкарски финансиски друштва при СКСМ
04.02.2025
Македонија има една од најстрогите регулативи во Европа. Која успешно ги комбинира технолошките иновации со заштитата на идентитетот на корисниците. Финансиските друшта во земјата работат според законската регулатива исто како и другите финансиски институции во Македонија. Граѓаните се повеќе преферираат финтек услуги наспроти банкарските, поради едноставноста, достапноста, брзината и транспарентноста, велат небанкарските финансиски друштва. Тие нудат кредити од 50 до 500 000 евра, а стапката на одобрување е околу 40 отсто. Каматата се движи од нула до 36 проценти, но за заемите се пресметуваат и дополнителни трошоци.
Како што беше речено денеска на брифинг со новинари, ако клиент подигне кредит од 10 000 денари, со сите задоцнувања на исплатата ќе треба да врати максимум двојна сума или 20 000 денари.
Според небанкарските финансиски друштва, со новите законски измени од 2023 година и Правилникот за кредитен ризик донесен лани, исклучително е висока сигурноста за граѓаните и измамите се сведени на минумум. Овозможена е автоматска верификација на документите преку воведување регистрирани шеми за електронска идентификација на клиентите. Небанкарските финансиски друштва, како што истакнаа нивните претставници, во своето работење применуваат и вештачка интелигенција.
Кредитниот раст во небанкарските финансиски друштва со третиот квартал во 2024 година изнесува седум отсто што е скоро еднакво со кредитниот раст од шест проценти во банкарскиот сектор, додека во вкупната актива на финансискиот систем во земјава финаниските друштва учествуваат со само 1,1 отсто, истакнаа членовите на Групацијата на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора.
- Микро кредитирањето за граѓаните од финансиските друштва придонесуваат за подобрување на економскиот развој на земјата. Традиционалните финансиски институции не можат да ги „покриваат“ потребите на лицата и малите компании, кои развиваат мали бизниси и имаат потреба од итни финасиски средства, а кои не можат да ги чекаат подолгите хипотекарни процедури на одобрување на позајмиците, изјави Никола Јошевски, генерален менаџер во Минт Финтек Груп.
Законските измени го намалиле бројот на небанкарски друштва од 35 колку што биле активни во 2022 година, на 27.
Новите регулативи им овозможија „опстанок“ само на оние друштва кај кои интерните процедури и системи беа прилагодени уште пред новиот Правилник и кои работеа целосно етички и транспарентно. Ова не само што не предизвика потреси, туку и им овозможи фер, унифицирана и стандардизирана законска средина на работење, велат од Групацијата.
- При одобрувањето на позајмиците се користи персонизираниот пристап за секое лице, за што се користат стандардните процедури за проверка на задолженоста, со физичко присуство или со софистицирана електронска регистрација на новите потенцијални корисници. Ова не се брзи кредити, брза е само процедурата односно технологијата при проценката на финансискиот ризик и при нивното одобрување, нагласува Биљана Мишиќ, од Иуте Македонија.
Новиот Правилник од април 2024 година ги заштитува потрошувачите од презадолжување, па учеството на обврските во месечниот приход не смее да надмине 70 отсто. Законските измени, пак, го зајакнаа корпоративното управување на друштвата со зголемување на минималниот основен влог на 500 000 евра наместо дотогашните 100 000. Нивното финансирање е најчесто од сопственикот или од инвеститори. Друштвата подлежат и на редовни инспекциски контроли, општи кои се спроведуваат еднаш во три - четири години или специфични, конкретно фокусирани, кои може да се реализираат на секои три - четири месеци.