Општество

РАЗРЕШЕНА ДИРЕКТОРКАТА НА ДЕТСКАТА БОЛНИЦА „КОЗЛЕ“

04.02.2025

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска потпишал решение за разрешување од функцијата на досегашната директорка на детската болница „Козле“, д-р Каролина Симоновска. На нејзино место е назначена професорката Катерина Бошковска.

- Министерството за здравство информира дека за нова директорка на УК за респираторни заболувања кај децата „Козле“ е именувана проф. д-р Катерина Бошковска, која над дваесет години е дел од тимот на оваа установа. Д-р Бошковска е супспецијалист по педијатриска пулмологија. Во рамки на наставно образовната дејност е вклучена во активностите на катедрата при УКИМ и во последните пет години има објавено голем број научни трудови. Министерството се заблагодарува за досегашниот ангажман на претходната директорка д-р Каролина Симоновска, се наведува во соопштението на МЗ.

Лекарскиот колегиум на Клиниката за респираторни заболувања кај децата Козле во протесното писмо испратено до медиумите минатата недела побара итно и неодложно разрешување на в.д. директорката Каролина Симоновска, бидејќи е донесена одлука за разрешување на д-р Веселинка Митровска Јосифовска, ОРЛ специјалист и бронхоскопист со долгогодишно искуство.

Во писмото лекарскиот колегиум бараше од надлежните институции, од министерот за здравство и од премиерот, да стават крај на, како што се наведува, своеволието на д-р Симоновска бидејќи, како што велат, Клиниката „Козле“ е државна институција од огромно значење во пружањето здравствена заштита на највулнерабилната група на пациенти - децата.

- Последниот скандал што ја потресе клиниката, лекарите како и нашите пациенти е дека д-р Веселинка Јосифовска Митровска е бескрупулозно избркана од работа. Во отказното решение добиено од раководството таа е обвинета дека физички присуствувала во кабинетот за бронхоскопија кога се интервенирало на вадење на страно тело од дишните патишта на еден од нашите пациенти, стоеше во писмото од Лекарскиот колегиум на Клиниката во кое тие и даваат поддршка на докторката.

Лекарите од „Козле“ велат дека токму присуството на докторката во посочениот кабинет ја потврдува нејзината загриженост за здравјето на пациентите што се во нејзин домен и сметаа дека дека на нивната колешка и е нанесена целосна неправда и без никаква вина добила отказно решение.

Реакција до медиумите беше испратена и од Клиниката, која тогаш ја раководеше Симоновска, при што беше напоменато дека секое лекарско однесување надвор од лекарската етика, а особено при извршување на оперативен зафат на малолетно лице мора да се санкционира. 

Последно од низата случувања беше вчерашното соопштение до медиумите од Симоновска, во кое таа побара нејзиното име и презиме да не биде објавувано од нив, во спротивно најави преземање законски мерки.

-Јас, д-р Каролина Симоновска, именувана за в.д. директор во ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле Скопје, под целосна материјална, морална и професионална одговорност, изјавувам дека не се согласувам и во ниеден случај не давам согласност моето име и презиме и професионалност да биде објавувано по медиуми, истакна таа во писменото барање. 

На ваквото барање реагираа Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на медумски работници, нагласувајќи дека тоа претставува форма на јавeн притисок насочен кон медиумите и оти ваквите објави се директна цензура врз новинарите и ја поткопуваат слободата на изразување и независноста на медиумите. 


Извор/фото МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО