Бизнис
РЕГИОНАЛНАТА СОРАБОТКА ЌЕ БИДЕ ДОМИНАНТНА ТЕМА ВО НОВИТЕ ГЕОПОЛИТИЧКИ ПОЛИТИКИ-ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА ЗА ИНИЦИЈАТИВАТА „ТРИ МОРИЊА“
21.01.2025
Во Стопнаската комора на Северна Македонија денеска се одржа Панел дискусија на која беше претставена иницијативата „Три мориња“, можностите за економската соработка меѓу нејзините членки и придонесот во нивниот економски развој, со посебен осврт на инфраструктурата и вклучувањето на земјите од Западен Балкан и зајакнувањето на оската север-југ во источна Европа. Иницијативата „Три мориња“ опфаќа тринаесет земји-членки на ЕУ лоцирани меѓу Балтичкото, Црното и Јадранското Море и тоа Австрија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Романија, Словачка, Словенија и Грција.
- Регионалната соработка ќе биде доминантна тема во наредниот период, посебно по изборите во САД , и таа ќе ја позиционира и нашата улога. Морињата се одредниците за исцртување на новите линии на интереси во светот. Без бизнис нема ништо, а бизнисот почива на две работи: на профит и ризик. Имавме многу значајни иницијативи за регионална соработка кои доаѓаа од надвор, но тие не дадоа резултати и на тлото на Балканот. Ако ги прифатиме и од наша страна од земјите на Балканот, тие ќе дадат нова светлина во поврзувањето на бизнисот во овој триаголник на трите мориња. Во оваа иницијатива се влегуваат и нашите коморски иницијативи со кои се обидуваме да ја зголемиме соработка меѓу земјите на Западен Балкан, изјави Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора,
Овие иницијативи треба да најдат во една ваква глобална иницијатива и така ќе покажеме дека сме на правиот колосек кој не води во евроатланските интеграции, додаде претседателот на СКСМ.
- Секоја земја не може да има пристаниште, но постои алтернатива да се реши овој проблем. Се обидовме да влеземе во сопственост во Солунското пристаниште, но таа иницијатива не помина и не успеавме да го направиме последниот чекор поради „високите“ политики. Сакаме наше активно учество во ваква иницијатива. На Балканот му треба да проработат моторните сили на пазарната економија на големите земји. Тие што можат да ги отворат пазарите за нашите компании и тие треба да добијат поддршка. Нас ни требаат пазарите во Романија, Бугарија, Србија, Хрватска, на Европа... Се што ќе препознаеме за да се покрене економски раст ќе го поддржиме. Да не заборавиме дека треба да ги завршиме домашните работи: борба со корупција и сивата економија, обезбедување на енергија и гас, нови пазари за заедничко регионално дејствување, повисок стандард на граѓаните. Сето тоа не може да се оствари без зголемен извоз на производи со додадена вредност, изјави Азески.
На панел дискусијата учествуваа и поранешениот амбасадор Зоран Јолевски, заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, вишиот советник на претседателот на Фондацијата Херитиџ, Џејмс Карафано, регионалниот директор за Европа на Меѓународниот републикански институт Пол МекКарти, претседателот на Српско-американскиот конгрес и поранешен потпретседател на Собранието на Србија, Владимир Маринковиќ и поранешниот министер за финансии и за економија на Република Албанија, Арбен Малај.
Вишиот советник на претседателот на Фондацијата Херитиџ, Џејмс Карафано посочи дека иницијативата „Трите мориња“ е уникатна можност за нас, бидејќи од црна дупка на Балканот треба да станеме светла точка.
- Северна Македонија е централна точка на иницијативата „Трите мориња“ зашто многу е важно поврзувањето на Јадранското Море со Црното Море. Иако немате излез на море можете да поврзете важни пристаништа зашто сте на средина, а поврзаноста носи можности за енергенси, нови ресурси, центри за иновација со што ќе се создадат можности за иден раст и ќе се помогнат бизнисите. Можеби сте мала земја, но според мене дури и најголемата и најсилна врата ја отвора мала брава, а во нашиот случај токму вие сте малата брава, рече Карафано и посочи дека не може да ја замисли иницијативата „Три мориња“ без регионов да биде нејзин суштествен дел.
Регионалниот директор за Европа на Меѓународниот републикански институт, Пол МекКарти посочи дека е важно вклучувањето на Западен Балкан во иницијативата „Три мориња“.
- Иницијативата не може да функционира само со пристапот на Словенија и Хрватска до Јадранското Море. Важноста на трансверзалите север-југ и исток-запад ќе налагаат масивни инвестиции, а економската соработка ќе биде клучна за да се поврзе целиот регион, истакна МекКарти.
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски рече дека е од исклучителна важност ЕУ и земјите-членки да прифатат дека проширувањето со земјите од Западен Балкан е приоритетно, стратешко и безбедносно прашање.
Претседателот на Српско-американскиот конгрес и поранешен потпретседател на Собранието на Република Србија, Владимир Маринковиќ рече дека како земја се посветени да бидат вклучени во сите регионални иницијативи, а особено во оние кои се фокусираат на економскиот развој и на создавање подобро инфраструктурно поврзување и енергетска безбедност и инвестиции.
- Регионалната инцијатива „Отворен Балкан“ не е само економска инцијатива, туку и иницијатива за мир. Нејзиното залагање за слободен пазар без граници е добро за економијата, но и за решавање на сите прашања преку економска соработка и трговија, рече Маринковиќ.
Поранешниот министер за финансии и за економија на Република Албанија, Арбен Малај, пак, рече дека иницијативата „Три мориња“ сега е приоритет за земјите од регионот, но во иднина ќе биде итен приоритет, особено кога станува збор за конфликтите, несигурноста, недостигот на безбедност.