Општество

Протестите во Србија не се смируваат

Дејан Азески | Авторот е историчар, новинар и публицист

Повеќе од месец дена по трагичната несреќа во Нови Сад каде што животот го загубија 15 луѓе, народот во Србија е сè уште на улиците. Протестите и незадоволството наместо да губат на интензитет постојано се интензивираат. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за прв пат може да се види вистински загрижен или втор пат ако се смета и инцидентот во Банска од минатата година. Ваквата состојба некои ја припишуваат на менталитетот на народот, други на странски влијанија, но како и да е − во Србија нешто се случува.



Среде сиот овој немир во соседна Србија стигна и информацијата дека САД под санкции ја ставаат државната нафтена индустрија, популарната НИС. Станува збор за најголемиот државен гигант во земјата од кој најдиректно е зависна целата економија. Властите веќе признаа дека дека оваа дисциплинска предупредувачка мерка од Вашингтон ќе има и директни практични реперкусии на секојдневниот живот на граѓаните.
Интересно е дека санкциите за НИС доаѓаат токму сега, иако во оваа компанија има руски државен капитал речиси цела деценија. Опозицијата нормално се радува на ова и го доживува како порака или поддршка од САД во клучен момент на протестите. Но, некои од аналитичарите велат дека ова е фрлена гума за спасување на Вучиќ кој сега ќе има алиби конечно да се ослободи од рускиот капитал во најголемата нивна поединечна инвестиција во земјата.
Проблем е и што во Србија има прилично економски врски како со Русија така и со Кина и ако овој тренд на нивно санкционирање продолжи многу ќе трпи целата економија. Ова го проблематизира и познатото српско седење на два стола што, иако во некои случаи имаше позитивни ефекти, сега наеднаш може да дојде на наплата.
Не треба ни да се заборави дека НИС заедно со ЕПС се двете клучни компании во кои има вработени најмногу партиски кадри од СНС и од каде што се „испумпуваат“ најмногу средства за партиски подобните бизнисмени. Овие санкции, веројатно, се и удар на таа практика за која е веќе свесен и секој последен граѓанин на Србија.
Сепак, народот не обрнува внимание премногу на овие комплицирани сценарија, туку веќе размислува дали да складира нафта за случајно да не се повторат мрачните времиња од почетокот на деведесеттите кога Србија немаше нафта ниту за противпожарните ниту за амбулантските возила.

ЗАДНИ СЦЕНАРИЈА
Пред точно десет години, Зоран Заев и СДСМ почнаа со објавување на т.н. бомби или прислушкувани телефонски разговори преку кои требаше да се разоткрие криминалот на тогашната власт на Никола Груевски. Без разлика на очигледните докази, народот кај нас немаше стресови премногу сè до оној момент кога беше објавена снимката за убиството на Мартин Нешковски. Тогаш работите, спонтано или не, започнаа да излегуваат од контрола. Е, во Србија една деценија подоцна се случува идентично истото ова. Сите одамна знаат дека власта е криминализирана во голем обем и дека тоа влијае на функционирањето на државата, но падот на настрешницата на железничката во Нови Сад е капката која ја прелеа чашата и народот навистина излезе на улиците.
Да − Александар Вучиќ и неговите се апсолутно во право дека опозицијата го злоупотребува случајот за конечно да собере некој политички поен, да − точно е и дека ликуваат, а можеби и директно „кумуваат“ најголемите непријатели на Србија, но дури ни тие не можеа да предвидат дека меѓу студентите кои протестираат има и многу такви кои не се ниту платени ниту изманипулирани, туку искрено незадоволни и токму тие теоретски би можеле да го направат пресвртот.
Дополнително во Војводина постојано се повторува една грда слика која е многу поопасна од она што можат да го согледаат тесногледите локални партиски членови на СНС. Имено, регистрирани се неколку инциденти каде што уфрлени провокатори ги напаѓаат мирните демонстранти. Покрај тоа што очигледно станува збор за партиски активисти од владејачката партија, најчесто станува збор за луѓе кои се доселени во Војводина за време на војните во 90-тите од Крајина, од Бара или од други делови на Хрватска и на Босна. Значи имаме ситуација каде што автохтоните Војвоѓани во мнозинство се излезени на протестите против власта, а од спротивната страна тие се напаѓани од дојденците за кои има толку многу стереотипи во последниве три децении. И според познавачите на локалните состојби токму тука може да пукне работата, во втората српска покраина која има автономно движење постаро и од она на Косово. Особено е опасно тоа што сето ова се случува во период кога низ целиот свет како со гума и со молив се прекинуваат разни граници.
Дополнително протестите кои ги гледаме ги имаат сите елементи на инсценираните портокалови или шарени револуции во десетици други земји во светот. Тоа значи дека на некој центар на моќ му одговара ваквата состојба во Србија и индиректно слабеењето на Вучиќ. Но, засега никој не може да предвиди како ќе заврши сето ова − како Груевски кај нас или како Ердоган во Турција кој некако успеа да ги преживее овие потреси или можеби како Мубарак во Египет или Башар Ал Асад во Сирија ако се знае менталитетот на народот во Србија.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано