Финансии / Банкарство
ХРВАТСКИТЕ ДОМАЌИНСТВА ГО ЗГОЛЕМИЛЕ ФИНАНСИСКИОТ ИМОТ, НО И ФИНАНСИСКИТЕ ОБВРСКИ!
18.01.2025
Вкупните финансиски средства на домаќинствата во Хрватска, на крајот на третиот квартал од 2024 година, достигнаа вредност од 103 милијарди евра, што е за 10 милијарди евра или 10,7 отсто повеќе од една година претходно, објавија од Хрватската народна банка во извештајот за финансиските сметки.
Во однос на крајот на вториот квартал, финансиската актива на домаќинствата е зголемена за три милијарди евра или 3,1 отсто.
Најголем придонес за растот на финансиската актива има растот на депозитите, кои и понатаму се најзначајна ставка на финансиската актива на домаќинствата. На крајот на септември минатата година изнесуваа 45,6 милијарди евра или за 3,2 милијарди евра повеќе од една година претходно. Значителен дел од финансиските средства на домаќинствата имаат и осигурувањето и пензиите со 26,7 милијарди евра или 2,7 милијарди повеќе од крајот на септември 2023 година, а имотот во акции и во инвестициските фондови изнесува 22,2 милијарди евра или 2,8 милијарди повеќе.
Финансиските обврски на домаќинствата се зголемени за 2,6 милијарди евра или 10,4 отсто во однос на третиот квартал лани на 27,4 милијарди евра. Тоа е 2,2 отсто во споредба со јуни 2024 година.
Ваквите движења резултираа со зголемување на финансиската нето вредност на секторот домаќинства на 75,6 милијарди евра, односно 7,4 милијарди евра или 10,8 отсто повеќе од крајот на истиот квартал од претходната година, пренесува „Сеебиз“.
фото freepic